Ковачевски го повика Таравари добро да размисли

На изборите во 2024 година ќе имаме два блока на политички партии, едниот кој ќе биде за европски интеграции и другиот кој што ќе биде за изолација, едниот блок кој што ќе биде за Македонија да биде членка на ЕУ, дел од Западна Европа, и вториот блок со некаква алтернатива нејасна, необјаснета од никого која што ќе гледа повеќе на Истокот колку на Западот, изјави денеска претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, по неколкудневните превирања во неговиот коалициски партнер Алијанса за Албанците.

Лидерот на Алијанса, Арбен Таравари, побара поддршка за Алијанса за Албанците А да оди на избори заедно со опозицискиот фронт. Тој доби поддршка од министерот за здравство Фатмир Меџити, а против се изјаснија поранешниот прв човек на партијата Зијадин Села, министерот за правда Кренар Лога и потпретседателката на АА Илире Даути. Тие го обвинија Таравари дека тој како поединец не може да одлучува за чекорите на партијата, туку партиските тела.