Ковачевски и Џафери ќе се повлечат од функциите во четврток

В четврок премиерот Димитар Ковачевски ќе поднесе оставка, во исто време и претседателот на Собрание, Талат Џафери. Следниот ден ќе се избере собраниски спикер, кој според најавите најверојатно ќе биде Јован Митревски од редовите на СДСМ.

Техничката влада ќе се гласа најверојатно во недела. Сите детали уште ќе биде прецизирани на редовната координација на парламентарните пратенички групи. Нејасни остануваат кадрите кои ВМРО-ДПМНЕ ќе ги предложи за министри и заменици во техничката Влада.

В четврток Ковачевски и Џафери ќе поднесат оставки, петок ќе биде ден за избор на нов собраниски спикер, а во недела пратениците ќе гласаат за техничката влада- дознава Канал 5 од извори од владејачкото мнозинство. Според информациите, се очекува овој план утре да биде потврден на понеделничката координација на пратеничките групи во Собранието.

 

Како што и претходно беше најавено, по оставките на премиерот и претседателот на Собранието, ќе биде предложен Јован Митрески од СДСМ за спикерската позиција, потоа ќе го информираат претседателот Пендаровски за доделување на мандат на нов технички премиер, во случајов Џафери, кој ќе има обврска да го испрати владиниот предлог-состав на министри, заменици и дополнителни министри до законодавниот дом за гласање.

Сепак, нејасно останува прашањето како власта планира да го спроведе планот до крај, со оглед на најавата дека до Собранието нема да ги испратат предлог-министрите кои и следуваат на ВМРО-ДПМНЕ.

Двете најголеми партии и денеска ги повторија позициите од кои велат дека нема да отстапат.. „Доколку пратениците на ДПМНЕ не ги гласаат предлозите од сопствената партија ниту пратениците на СДСМ, ниту пратениците на други партии од мнозинството нема да ги гласаат. Во светот не постои искуство и пример политичка партија да учествува во Влада, а истовремено да не ја поддржи таа Влада.“, стои во соопштението на СДСМ.

Според неофицијалните информации, потврда на предлозите на опозицискиот лидер Мицкоски ќе има кон крајот на неделата на ИК и ЦК на партијата, а потоа се очекува да испратат и информација до Владата за избраните технички министри за МВР и МТСП, како и замениците министри за земјоделство, финансии и информатичко општество.

„На СДС е да одговори дали ќе го почитува законот или ќе влезе во изборни нерегуларности од почеток со кршење на законите. Ќе нагласам уште еднаш, ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи имиња за министри и заменици-министри и нема да гласа за владата на Џафери. Правото и законите не познаваат опција за поединечно гласање, односно за празно место, за министри и заменици-министри при гласање.“

По најавата дека министерските места на ВМРО-ДПМНЕ во техничката влада ќе останат празни, се додека опозиционерите не ја сменат одлуката и да гласаат за истата, дел од правниците се огласија дека таквиот предлог е спротивен на Законот за влада. Од Собранието пак нема одговор, доколку пристигне некомплетен состав на министри, дали ќе биде ставен на гласање.