Премиерот Димитар Ковачевски претпладнево лично ја достави во Собранието неговата оставка, со што во оставка е и целата Влада, сѐ до изборот на техничка влада в недела на 28 јануари.
Премиерот Ковачевски даде куса изјава за медиуми пред Собранието во која ги посочи според него најголемите достигнувања во текот на мандатот, а за техничкиот премиер Талат Џафери рече дека е искусен политичар кој има големо искуство во водењето на Парламентот и оцени дека стилот ќе биде различен, но дека државата ќе го задржи стратешкиот правец.
– Имавме неформална средба со министрите на која им се заблагодарив за напорната работа во овие изминати две години. Денеска,ќе го направам она што е според закон предвидено. Мојата оставка е потпишана, сега ќе ја однесам во архивата. Ќе се видиме со претседателот на Собранието, ќе му посакам успешна процедура до недела, а потоа и успешен негов избор за технички премиер, рече Ковачевски.
Тој изрази убедување дека на 9 мај тој ќе ја предводи новата Влада.
– Дојдов со друго искуство во водење на корпорации, така што, веројатно стилот ќе биде различен, меѓутоа државата секако, ќе го задржи својот стратешки правец, а тоа е западната ориентација, партнерството со САД и дека техничката влада исто ќе се грижи за граѓаните, бидејќи се уште сме во криза, онака како што ние тоа го правевме во изминатите две години. На 9 мај повторно Владата ќе ја предводам јас и ова парламентарно мнозинство што ќе обезбеди полноправно членство на РСМ во ЕУ до 2030 година, рече Ковачевски.
-Имам кажано многу пати пред медиумите, дека ниеден човек не се родил, ниту да биде претседател, ниту пратеник, ниту градоначалник, тоа е нешто што му припаѓа како чест во текот на неговата професионална кариера. Ја имав таа одговорност и чест да ја водам Владата во едно исклучително време, време на многу и меѓународни турбуленции, пред се на економски турбуленции предизвикани од војната во Украина. Сметам дека се грижевме за сите. Сметам дека обезбедивме се она што беше да ги задржиме работните места, да ја задржиме ликвидноста на компаниите и да обезбедиме приходи на најранливите категории на граѓани преку најголемите пакети на антикризни мерки коишто која било земја во регионот ги направи. Не дозволивме ценовен шок, рестрикции на електрична енергија. Не дозволивме енормно покачување на цените на нафтените деривати. Ја намаливме инфлацијата за шест пати од 20 на 3,5 проценти и сметам дека, како што кажав, сите министри во Владата, замениците-министри, службите коишто работат во сите институции треба да бидат горди на тоа што го направија за својата држава во изминатите две години, рече Ковачевски.
Според вчерашните најави на претседателот на Собранието, тој откако ќе ја прими оставката на Ковачевски, ќе го информира претседателот на државата Стево Пендаровски за тоа, а потоа во текот на денот и тој ќе поднесе оставка.
Од неговиот Кабинет најавија дека со соопштение ќе информираат за следните чекори.
Оставката на Ковачевски е првиот формално-правен чекор кон формирање на техничка влада што треба да биде избрана на 28 јануари.