Ковачевски мора да се соочи со правдата и да одговара за рекетот

Рекетот, изнудата, криминалот, корупцијата и тендери во четири очи се вистинскиот профил на оваа власт, на Зоран Заев и СДСМ, а неговиот сопартиец поставен за директор на македонската енергетска мрежа Васко Ковачевски, не само што не чуствува грижа и се заканува, сметајќи се доволно безбеден со Заев, туку се внесува во улогата на истражител или обвинител, изјави во четвртокот на прес-конференција, Васко Мавровски од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за Битола.

Мавровски изрази надеж дека „ароганцијата и дрскоста“ на Васко Ковачевски ќе завршат на 15-ти јули, затоа што, како што истакна, во Македонија мора да се почитуваат законите и виновниците треба да бидат казнети.

„Ковачевски мора да се соочи со правдата и пред обвинителството и судот да објасни за рекетот и изнудата од 250.000 евра и да одговори, дали тие пари завршиле директно кај неговите наредбодавци Зоран и Вице Заеви“, рече Мавровски.

Посочи дека Ковачевски се однесувал на ист начин и во периодот додека бил директор на РЕК Битола, и оти само може да се претпостави како се однесува како прв човеке на ЕЛЕМ.

Мавровски порача и дека Васко Ковачевски доколку сака да ѝ помогне на својата партија СДСМ, би требало да си поднесе оставка од директор на ЕЛЕМ, но и на јавноста да ѝ даде одговори на повеќе прашања.

„Зошто дрско ги лажеше битолчани дека сѐ ќе направи за Битола да има почист амбиентален воздух, вклучувајќи ја и реконструкцијата на електростатските филтри во РЕК Битола? Прашања за Ковачевски има уште, ама за да остане концентриран, нека им одговори на граѓаните само на ова едно прашање, се разбира откако претходно ќе се тргне од директорската позиција во ЕЛЕМ“, заклучи Мавровски.