Во врска со изјавата на премиерот Димитар Ковачевски, дека претседателот Стево Пендаровски ја презел обврската за евентуални преговори со грчките власти за продолжување на важноста на македонските документи со името Република Македонија, од неговиот кабинет нагласуваат дека процедурите поврзани со личните документи не се во надлежност на претседателот.
Од неговиот кабинет соопштија: „Како што и претходно информиравме, претседателот Пендаровски даде предлог за надминување на проблемот што се појави во однос на замената на личните документи и патни исправи, но таа процедура е во целосна надлежност на Владата и Собранието. Во однос на комуникацијата со Грција, претседателот Пендаровски може да помогне во процесот, но нема преземено обврска во таа смисла“, се вели во соопштението од кабинетот на шефот на државата.
Минатата недела Пендаровски во интервју за ТВ Сител изјави дека веќе разговарал со двајца министри на кои им дал предлог за продолжување на рокот за промена на личните докуметни, со законска измена. Тој додаде дека за тоа може да разговара со грчките власти кои можат тоа да го дозволат, нагласувајќи дека и Грција го нема имплементирано Преспанскиот договор.
Инаку, премиерот Димитар Ковачевски денеска порача дека го чека разговорот на Пендаровски со грчката претседателка, за понатамошни консултации за евентуално продолжување на рокот на важност на личните документи со старото државно име.
– Со грчките власти немам разговарано. Претседателот на државата презеде обврска да се чуе со претседателката на Грција. Имаме разговори кои се водат со ресорните министри, рече Ковачевски.