Премиерот Димитар Ковачевски денеска го повтори ставот за уставните измени, оти тоа не е одлука на Владата, туку е одлука за граѓаните и за државата и оти секој треба да го има пред себе прво интересот на граѓаните, интересот на идните генерации, а потоа личниот политички интерес.
– Ако некој решил да се изолира и ако притоа решил да ја изолира и својата политичка партија, тој не може и нема право да ја изолира цела држава. Она што ние го имаме пред нас се одлуки за продолжување на патот кон полноправно членство во ЕУ. И после таа одлука ќе има уште тешки одлуки затоа што тие реформи не се едноставни. Тоа се реформи кои сите држави членки на ЕУ ги поминале. Но низ тие реформи, низ такви одлуки изградиле подобро општество – рече Ковачевски на заедничката прес-конференција со европратеничката и лидерка на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите во ЕП Ираче Гарсија Перез.
Тој потсети граѓаните заминуваат во членките на ЕУ заради подобри плати и подобар стандард.
– Проверете да го видите животниот стандард во државите што до 1990 година беа дел од Варшавскиот договор и споредете со тоа што тие држави се денес. Е таква Македонија јас сакам, затоа што кога ќе стане членка на ЕУ ќе има горди граѓани Македонци и сите други коишто ќе можат да живат во држава членка на ЕУ ама во нашата држава дома, а не да живеат во членка на ЕУ ама во туѓина. Тоа е одлуката којашто пред себе ја имаат пратениците. Тоа е одлуката што треба да ја донесат – порача премиерот.
Во однос на тоа дали се интензивира процесот на уставните измени и дали има некакви преговори, Ковачевски потсети на одржаната лидерска средба, каде што не присуствуваа две политички партии.
– Јас веќе одржав лидерска средба со сите лидери на политички партии. Таму не дојдоа две политички партии и ќе повторам уште еднаш – најголемата опасност за нашиот пат кон ЕУ лежи во една политичка партија која што има антиевропска, анти-НАТО и анти-интеграциона политика со Западна Европа. Тоа е Левица и нивниот претседател Димитар Апасиев. И тие веќе го имаат во заложништво претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и ВМРО-ДПМНЕ затоа зашто тој е слаб, без став и без визија и ние како политичари коишто ја гледаат државата во ЕУ, како граѓани коишто ја гледаат државата во ЕУ заради себе, заради нашите деца, заради идните генерации не смееме да дозволиме политиката да биде креирана од такви политички пиромани коишто немаат никаква визија за државата – повтори Ковачевски на заедничката прес-конференција со европратеничката Гарсија Перез.