Ковачевски: Наши келнери во Блед ми рекоа „ве молиме, направете сѐ за да ја внесете нашата земја во ЕУ, сакаме да се вратиме дома“

Премиерот Димитар Ковачевски и натаму е оптимист дека Македнија до 2030 година може да стане членка на ЕУ и покрај песимизмот што доаѓа од Париз по денешната изјава на францускиот претседател Емануел Макрон.

Ковачевски на панел дискусијата на форумот во Блед рече дека граѓани во Словенија сакаат Македонија да стане членка на ЕУ за да се вратат дома.

– Одејќи долж ривиерата низ Блед се почувствував како да се наоѓам во Босна и Херцеговина, затоа што сите келнери доаѓаат од таму. Зошто? За повисоки плати. Видов и неколку македонски студенти кои работат во кафулињата. Кога ги прашав како им е, ми рекоа ве молиме направете сѐ за да ја внесете нашата земја во ЕУ. Сакаме да се вратиме дома и да работиме во земја од Европската унија, но не овде, туку дома, рече Ковачевски на панелот Солидарност за глобална безбедност.

Ковачевски додаде дека постои фрустрација кај граѓаните поради постојаните блокади на државата.

– Има истражување кое вели дека 80 проценти од граѓаните на Македонија се за европска интеграција и проевропски ориентирани, а истовремено 80 проценти се против блокадите кои доаѓаат една по друга. Овие блокади доаѓаат од земји членки на ЕУ во бранови кои се користат за нивната домашна политика, а не за меѓународната сцена. Како членка на НАТО се покажавме како активен член и досега не видов проблеми во функционирањето, додаде Ковачевски.