Ковачевски не сака да открие датум за заеднички избори, но е задоволен што Мицкоски прифатил редовни

Премиерот Ковачевски не сака да открие кој датум за заеднички претседателски и парламентарни избори напролет е прифатлив за неговата СДСМ иако во Собранието веќе се прават вакви калкулации за 8 мај.

Вели дека датумот ќе биде одреден не од две партии, туку од сите парламентарни партии. Тој задоволно коментира дека дури и опозицијата која постојано барала предвремени избори сега прифатила редовни, како што тој најавил уште во своето експозе.

„Опозицијата во неколку наврати тврдеше дека ќе има предвремени избори и сега да каже дека ќе има редовни избори…Значи време има, политичка волја има, избори ќе има, тие ќе бидат редовни а кога ќе биде договорено кога ќе бидат, бидејќи ние во моментот имаме претседателски избори кој што треба да се случат до соодветен датум, ние имаме парламентарни избори кои што имаат свои рокови кога треба да се одржат. Кога ќе бидат усогласени сите ставови тогаш може да биде информирана и јавноста. До тогаш се е на ниво на желби, на ниво на шпекулации, а јас никогаш не комуницирам ни на ниво на желби, ни на ниво на шпекулација”, кажа премиерот Ковачевски.

Сепак, извори од владејачката партија за „Сител“ тврдат дека и кај нив 8 мај се разгледува како сериозна можност ако се прифати опцијата за заеднички избори до година.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, вчера потврди дека ако власта инсистира на редовни парламентанри избори тогаш најоптимално решение е тие да бидат заедно со вториот претседателски круг. Единствен датум кој е возможен, според Мицкоски, е 8 мај, три дена по Велигден.

Тој се посомнева и во фер и деморкатски избори поради некомплетниот состав на ДИК. Таму недостасува еден член од албанската опозиција.

Од коалицијата Меџити – Касами – Гаши потврдија дека веќе имаат меѓупартиски договор за нивен претставник во Изборната комисија. Очекуваат изборот на нивниот член во ДИК собранискиот спикер Џафери да ја стави на дневен ред на седницата на 2 ноември.

Од кабиентот на Џафери засега без потврда за ова.