Ковачевски не сака договор за уставни измени, турка бугарско сценарио за обезличување на државата

Димитар Ковачевски, СДСМ и ДУИ ја доведоа државата во ќорсокак и се заплеткаа во сопствените манипулации за уставните измени продолжувајќи да туркаат процес за уставни измени знаејќи дека немаат доволно пратеници за самиот процес.

Сѐ што произлезе од кујната на СДСМ по лидерската средба на Ковачевски и Мицкоски се лаги и невистини. Една година ВМРО-ДПМНЕ изјавува дека во овие околности и под бугарски диктат уставни измени нема да има. Мицкоски уште пред една година кажуваше дека ќе се бори за промена на околностите и заштита на интересите на Македонија. Но, и покрај двата предлози на ВМРО-ДПМНЕ на лидерската средба СДСМ не се изјаснува во однос на нив.

Според ВМРО-ДПМНЕ и двата предлози кои ги даде Мицкоски на лидерската средба значат зачувување на идентитетот и интеграција во ЕУ.

„Суштината на првиот предлог е одложената примена на уставните измени со влез на државата во ЕУ. Со тоа Бугарија од потенцијален кочничар, станува активно заинтересирана страна што побргу Македонија да влезе во Унијата. И наместо нови блокади, имаме поголема помош. Суштината на вториот предлог се гаранциите кои треба да се бараат од европските институции за Македонскиот многувековен идентитет, јазик и историја, барање средства за Македонската економија и граѓани и барање Бугарија да реализира 3 пресуди за правата на Македонците таму, овие чекори да ги поддржи партијата која би била опозиција, по наредните предвремени парламентарни избори кои треба да се случат на есен, ако се избере овој предлог“, стои во партиското соопштение на ВМРО ДПМНЕ.

На тој начин и двата предлога ја гарантираат интеграцијата, дури и ја забрзуваат, а истовремено го гарантираат идентитетот. Останува нејасно зошто СДСМ и Ковачевски одбиваат договор за уставни измени со одложено дејство и напротив туркаат процес под бугарски диктат, без заштита на македонските интереси, идентитет и обезличување на државата. Наместо заштита на државните интереси, и идентитетот Ковачевски не сака договор за уставните измени со одложено дејство и турка бугарско сценарио за уставните измени со што прави огромна штета и обезличување на државата. На тој начин ја доведе државата до ќорсокак и ја држи во заложништво со цел да ја задржи власта ден повеќе. Доколку СДСМ нема решение за просперитет напредок и интеграција на Македонија единствен излез од ситуацијата во која ја донесоа државата би биле избори.