Ненадејно почина новинарот и портпарол на компанијата ЕВН Атанас Ковачевски.
Од ЕВН потврдија дека Ковачевски починал рано утринава, а претходно немал посериозни хронични и здравствени проблеми, објави порталот Сакам да кажам.
Ковачевски имаше 50 години. Долги години беше новинар во неколку медиуми меѓу кои и во Македонската радио телевизија. Последните 10 години беше портпарол на австриската компанија.
„Ковачевски со својата исклучителна професионалност и колегијалност даде огромен придонес во отвореноста на компанијата и нејзината комуникација, а со тоа генерално и во развојот на енергетскиот сектор во земјава“, велат од ЕВН.
По веста за ненадејната и прерана смрт на новинарот и портпарол на ЕВН, колегата Атанас Ковачевски, негови блиски пријатели и колеги со неверување и тага, се простуваат од него на социјалните мрежи искажувајќи ја длабоката болка за огромната загуба на колегата, учител, другар и пријател…. Пред се’ човек со добро, големо и широко срце.
„Не е можно“, напиша ТВ-презентерката на МТВ, Гордана Ѓорчева.
Емотивна посвета има и неговата радио колешка Вики Ристовска Чадиковска.
„Требаше заедно да се вратиме во радио, да правиме емисија за душа. Така се договаравме. Ах бре Ацика. Каде толку брзо. Нека ти е светол патот. Душата нека ти го најде спокојот. Сигурна сум дека на небото ќе им ја одбираш најубавата музика на анѓелите со твоите емотивно силни најави. Многу ми е жал. Многу, другарче“ – напиша таа на „Фејсбук“.
Наташа Стојановска од „Телма“ пишува дека бил вистински другар.
„Вчера ми се јави, бараше контакт од некој кој објавувал дека студенти се исклучени од струја. Сакаше да види што е проблемот. Да го реши! Пред неколку дена ме побара да искоментираме за дрес код а зборуваше и за плановите за куќата, за децата. Многу планови остави незавршени… Беше голем човек, секогаш помагаше секому “– пишува таа.
Веста со неверувње ја примила и водителката на „Канал 5“, Милена Антовска Станковска.
„Беше еден од оние кои ми подадоа рака кога прв пат дојдов во Канал 5. Се понуди да ме научи како да се изразувам на телевизија и да ме научи на правилна дикција. Последен пат се видовме на линк (во време корона). Ти благодарам Атанас за сѐ. Почивај во мир. Сочувство до семејството. Жално, многу жално…“ – напиша Милена.
„Утринава ме потресе веста за агубата на Атанас Ковачевски. Голем другар, пријател… човек кој на сите сакаше да им помогне, човек кој ретко се раѓа… Почивај во мир Ацко“ – напиша новинарката од економската редакција на ТВ Сител, Наташа Мерсовска.
„Аман бе човек, каде избрза?“ – кусо напиша Наум Стоилковски, неговиот некогашен колега од информативната редакција на МРТ и актуелен портпарол на ВМРО – ДПМНЕ.
„Душава ме боли… Патувај со ангелите Атанас Ковачевски, нека ти ги отворат рајските порти…“ – се зборовите покрај споделената заедничка фотографија, со кои се прости исто така неговата бивша колешка од МРТ, Снежана Пачоска Китанчев.