Стоковите резерви се на ниво пропишано со закон и тековно се менаџираат. Нема потреба да се активираат, бидејќи нема недостиг на храна и на енергенси, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, во одговор на новинарско прашање.
– Во моментов има непречено снабдување со нафтени деривати, кое е постојано од почетокот на кризата, бидејќи се снабдуваме од солунското пристаниште. Над над 70 проценти се работи за нафта која не е од руско потекло, рече Ковачевски.
Тој истакна дека се управува дневно и неделно во однос на резервите што ги има државата, како и дека немаме недостиг на храна во државата, бидејќи е обезбеден непречен проток на прехранбени производи преку соседните држави, Албанија, Грција и Србија.
За цените на производите во малопродажбата, Ковачевски рече дека е запознаен со одредени злоупотреби и нема да дозволи дел од дистрибутерите вештачки да ги покачуваат цените со големи маржи. Најави дека инспекциите ќе работат на терен и ќе нема селекција во спроведување на законот.