Ковачевски од Словенија: Северна Македонија припаѓа во ЕУ, Владата ја има словенечката поддршка, процесот на приближување не смее да запре

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски и премиерот на Република Словенија, Роберт Голоб денеска во Љубљана потпишаа Заедничка декларација за зајакната соработка помеѓу РСМ и Република Словенија, по што одражаа и заедничка прес конференција.
„Денеска направивме пресек на нашите севкупни односи. Разговараме и за други актуелни и важни регионални и меѓународни прашања, меѓу кои и за војната во Украина и за нашето сојузништво и обединетост по тоа прашање. Се договоривме и ќе се залагаме за зајакнување на билатералната соработка преку редовен политички дијалог, вклучително и преку одржување меѓувладина седница во текот на 2023 година за сите важни области за граѓаните. Заедно ја потврдивме потребата за зајакнување на стабилноста на регионот, посебно во актуелниот геополитички контекст, кога треба да се сочуваат европскиот мир и безбедност. И затоа се согласивме, со поблиска координација на надворешните политики и со редовен политички дијалог, да придонесеме во кохезијата помеѓу земјите-членки на ЕУ и земјите од Западен Балкан“, соопшти премиерот Ковачевски.
„Република Словенија е секогаш отворената, гласна и силна поддршка на демократскиот и евроатлантски развој на Република Северна Македонија. Таа поддршка беше на достоинствено ниво ланскиот јули, кога по цели 17 години од добиениот кандидатски статус, со пријателите како Словенија, успеавме да ги отвориме преговорите со ЕУ. Таа поддршка е од исклучителна важност и денес. Тука, би сакал да ја поздравам словенечката поддршка и охрабрување кон сите пратеници во нашето Собрание да продолжат да работат заедно и конструктивно, имајќи го предвид сегашниот моментум и шансите да направиме нов конкретен исчекор во преговарачкиот процес, со конечна цел – полноправно членство во Унијата. И затоа од овде, од Словенија, сакам да порачам дека Република Северна Македонија и македонските граѓани ја препознаваат својата улога во регионален и европски контекст. Силно верувам дека ќе останеме посветени и успешно ќе чекориме на европскиот пат, иако некои внатрешни и надворешни сили, можеби не го посакуваат тоа“, порача македонскиот премиер.
Поддршката на Словенија на патот на Северна Македонија кон ЕУ, како што констатираше премиерот, не е само политичка и декларативна, туку конкретна и практична, нагласувајки ја важноста на словенечката техничка поддршка за зајакнување на административните капацитети на државата во областа на евроинтеграциите, посебно во делот на усогласување на законодавството на Северна Македонија со законодавството на ЕУ и неговата имплементација.
„Словенија, веќе две декади го поддржува развојот на Северна Македонија со речиси 40 милиони евра во имплементацијата на реформите коишто произлегуваат од процесот на евроинтеграција, но и генерално во однос на подобрувањето на развојот на земјата. Од примателите на словенечка развојна помош, земјите од Западен Балкан се приоритет број еден, односно 60% од словенечкиот буџет за развојна помош се доделува на земјите од Западен Балкан, а 40% на другите програмски земји. Она што е посебно важно за нас денес, е што предвидовме и унапредување на соработката за прашања поврзани со интеграцијата во ЕУ, насочени кон успешна подготовка на Северна Македонија за членството во Унијата. Тоа подразбира размена на најдобри практики и искуства со Словенија од процесот на пристапување во ЕУ, вклучително и преку проекти финансирани од ЕУ, со цел поддршка на Северна Македонија во исполнувањето на критериумите за пристапување“, додаде премиерот Ковачевски.