Премиерот Димитар Ковачевски по лидерската средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, укажа дека опозициската партија не е против уставни промени. Ковачевски тврди дека тоа е пораката од средбата со Мицкоски. Зборуваше за уставните измени, за кои кажа дека не се однесуваат на идентитетски прашања туку на заштита на идентитетите на другите народи.
„Ставот на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ од пред нивното партиско седиште е променет и различен од тоа што јас го слушнав на средбата и тоа што вие го слушнавте на прес-конференцијата, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ не е против уставни измени во државата. Тоа е заеднички заклучок и клучна порака од средбата која ја имавме денеска. Вакви одлуки се на сите политички партии, целото општество, а ова не е процес на еден човек, една партија, една Влада“, рече Ковачевски.
Зборуваше и за придобивките од уставните измени, како и пораките од меѓународниот фактор.
„На состанокот се направи јасна дистинкција, дали ќе ја интегрираме државата во ЕУ или ќе ја оставиме изолирана. Сметам дека е добро дијалогот кој се води да продолжи, а да изградиме став дека за државата е најважно да ја интегрираме државата во ЕУ. Моја лична цел и заложба е овој процес на евроинтеграции да биде успешен. Ги имаме стратешките цели на државата во предвид. Ова е стратешка цел на нашите земји партнери, како во ЕУ и НАТО, така и на нашиот најголем стратешки партнер САД. Уставните измени, вклучување на други делови од народи во Преамбулата се чекор напред на овој европски пат. На таков начин, со таков глас станавме и земја-членка на НАТО. Сите сме горди и ги чувствуваме бенефитите“, додаде тој.
Зборуваше дека идентитетот на Македонија е заштитен и дека со уставните измени не е доведен во прашање.