Ковачевски: Постоиме благодарение на 11-октомвриското победничко востание и АСНОМ, нашата денешна битка е да продолжиме по патот на мирот и прогресот

Премиерот Димитар Ковачевски, по повод државниот празник Денот на народното востание, 11-ти Октомври, денеска во Куманово на Спомен- костурницата  говореше на свечениот настан под слоганот „Секогаш на вистинската страна“.

Тој истакна дека одбележувањето на овој празник е продолжение и насока за нашата иднина, а нашата денешна битка е да продолжиме по патот на напредокот и мирот, без да дозволиме кој било и што било да ни го попречи овој пат.

-Tоа што го правиме ние денес, одредува каде ќе бидат нашите деца и нашата држава – утре! Затоа, од најголемо значење е да се биде на вистинската страна! Изборот на нашите претходници покажува дека – да се биде на вистинската страна, значи да се избере патот на мирот и напредокот! И денес, повторно, нашата денешна битка е токму таква – да продолжиме по патот на мирот и прогресот, без да дозволиме кој било, што било и било кога да ни го попречи овој пат!

Бележникот на македонската историја испишува дека 11-ти октомври 1941-та година го означува почетокот на антифашистичкото востание и на Народноослободителната борба. Но, тоа значело и продолжување на слободарските заложби за самобитност и државотворност од Илинденското востание, 1903-та година.

Водени од илинденската идеја за слобода, македонскиот народ и сите народи во нашата држава, во 41-та, ги формира првите партизански одреди коишто прераснаа во доброорганизирана, над стоилјадна, народноослободителна армија, којашто, по четири години, се избори за слободарскиот идеал.

Данокот на оваа победа е во крв: страдања и загуби на луѓе, на домови и огромни економски штети. Но, денешна, Република Северна Македонија постои благодарение на ова, 11-октомвриско победничко антифашистичко народноослободително движење, чијшто политички успех е првото заседание на АСНОМ, кога народот го официјализира и идеалот за сопствена македонска држава“ рече Ковачевски.

Најважно и неопходно, според Ковачевски, е да се продолжи со забрзани чекори кон евроинтеграцијата бидејќи, како што посочи, полноправното членство во ЕУ е да се биде на вистинската страна.

-Членството во Европската унија нам ни е потребно, за да го осигураме развојот на државата, според европските демократски принципи и стандарди. И на Европската унија ние сме ѝ потребни, како стабилизирачки фактор во регионот на Западен Балкан. Оваа историска шанса не смее и нема да се пропушти, порача премиерот.

– Свесен сум за загриженоста што ја предизвикуваат обидите за спорадични и иритирачки провокации, коишто повремено и намерно се стимулираат во земјава, од страни, чиишто интерес се реакции – спротивни на остварувањето на нашите државни стратешки цели, или со подлабоки мотиви. Но, ние сме целосно посветени на заштитата на државните интереси и кон институционални решенија, согласно законите и европското поведение и на овој начин ќе се справуваме со таквите предизвици, нагласи премиерот. Изрази уверување дека мудроста е клучот за сите предизвици и дека граѓаните ќе ја поддржат вистинската страна на обединувањето.

Според него, наскоро ќе следат бројни институционални, политички, економски и безбедносни договори со Европската Унија, како Фронтекс договорот, којшто ќе биде потпишан на македонски јазик како рамноправен јазик со сите јазици на Европската Унија.