Некогаш немавме граници, а денес сме единствените во Европа со толку граници, рече премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на прашање на новинар од Србија дали и натаму е жива иницијативата Отворен Балкан имајќи ги предвид некои изјави на албанскиот премиер Еди Рама. Ковачевски рече дека најдобра потврда за оправданоста на иницијативата се бројките за трговски раст меѓу трите држави. Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ изјави дека и Рама неодамна во Белград не искажал резерви кон оправданоста на иницијативата и нагласи дека Отворен Балкан не само што функционира, туку и дека има, како што рече, светла иднина.
Српската премиерка рече дека токму утре таа ќе оди во Тирана на неформална средба на лидерите од Западен Балкан и дека верува дека од Еди Рама ќе слушне оптимистички изјави во поглед на Отворен Балкан.
Инаку, на таа средба во Тирана, неизвесно е единствено дали ќе дојде премиерот на Косово, Аљбин Курти, кој во последните месеци, поради критиките на негова сметка, нема добри односи со албанскиот премиер. Неодамна Рама беше во Приштина, но немаше средба со Курти.
Ковачевски и Брнабиќ, заедно со миннистри од своите влади и други функционери денеска беа на наплатната рампа кај Прешево, веднаш до границата со Македонија, каде го промовираа единствениот електронски систем на наплата на патарини за патниците од Србија и Македонија, со еден „ТАГ“, односно со едно плаќање без запирање да се поминат сите патарини.
Интегрираниот систем за наплата ќе овозможи брзо поминување на патарините во Македонија и Србија, при што граѓаните кои веќе го користат М-таг системот ќе можат со регистрација во конкретниот систем инициран од „Отворен Балкан“ непречено, автоматски да ги поминуваат патарините во соседната држава.
Според премиерот Ковачевски, ова е најдобра потврда дека „Отворен Балкан“ е иницијатива која, како што рече, дава резултати, функционира и луѓето ја сакаат.
„За само три месеци српски и македонски инженери успеаја да го направат решението за единствена електронска наплата на патарината. До следен петок ќе биде направено решението за товарен сообраќај“, рече тој.
Ковачевски ја истакна важноста на соработката со Србија во однос на размена на производи, услуги и работна сила и посочи дека во иднина ќе се работи токму на тоа.
„Ова е уште една потврда дека иницијативата работи токму на забрзување на протокот на луѓе, стоки и услуги и на капитал. Премиерката Брнабиќ кажа дека благодарение на оваа иницијатива трговската размена меѓу 2-те држави е зголемена над 25% од нашата страна на 50% е зголемен извозот кон Србија. Исто така и од Србија е зголемен извозот кон Северна Македонија“, рече Ковачевски.
Она што следува, рече тој, е воспоставување на софтверското решение за непречена размена на работници, да може секој да дојде да се регистрира преку единствен софтвер и во Србија и во Македонија и во Албанија без административни процедури кои денес траат по 3 месеци.
Премиерката на Србија, Брнабиќ, истакна дека целта на „Отворен Балкан“ е да се олесни животот на луѓето на овие простори и да се олесне трговијата, со што како што рече, ќе стекнеме повеќе богатство, но и да го подигне стандардот на граѓаните.
Таа наведе дека во моментов ознаката за единствената наплата со Македонија може да се користи само за патнички сообраќај, а од петок ќе биде овозможена и за камионите и за економијата.
Ова е таква иницијатива која што на најдобар можен начин го олеснува животот, патувањето и протокот на производи, рече таа, осврнувајќи се на досегашната соработка во рамките на Отворен Балкан, за која рече дека навистина дала резултати.
Горан Весиќ, министер за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија, истакна дека овој проект е дел од политиката на нивната земја, а тоа, како што рече, е да се укинат сите граници.
Весиќ информираше дека за десет дена околу 13.000 граѓани на Србија веќе го инсталирале тагот, а околу 7.000 возила со српски регистарски таблици на дневно ниво ги поминуваат границите со нашата држава.
Проектот беше инициран во рамките на Отворен Балкан, а, како што информираше Марјан Забрчанец, националниот координатор за „Отворен Балкан“, Албанија ќе се приклучи во моментот кога ќе го инсталира системот на своите патарини.
Фото: скриншот