Ковачевски: Успеавме да имаме над 600 мегавати обновливи извори на енергија за само за две години

СДСМ успеа со правилни политики да инсталира над 600 мегавати обновливи извори на енергија, потенцираше претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, во денешното интервју на утринската програма на „Слободен печат“.

Говорејќи за справување со предизвиците од најголемата економска и енергетска криза, Ковачевски посочи дека Владата предводена од СДСМ, успеа со правилно менаџирање кризата да ја претвори во можност.

„Кога започна со работа Владата која што јас ја предводев јас, веднаш направивме законски измени во делот на имплементирање на обновливи извори на енергија. Во минатото беше многу тешко да направите на пример соларна централа и да ја ставите на мрежа со оглед на тоа дека јас велам тие закони порано беа правени од трговци кои што подраго им беше да тргуваат со електрична енергија, отколку да се произведува електрична енергија. Со тие законски измени и измени на правилниците ние денеска успеавме да имаме 600 мегавати обновливи извори на енергија, кои што се изградени само за двете години на мандатот на Владата која што јас ја предводев. До 2016 година беа инсталирани само 16 мегавати обновливи извори на енергија, сега за само 2 години 600 мегавати“, рече Ковачевски.

Во интервјуто, Ковачевски посочи дека и во време на енергетска криза, немаше недостиг на струја и не се покачи на цената.

„Во времето на кризата ние се соочивме со недостаток на електрична енергија и голем број од тие што сега велат дека нема потреба од инвестиции во обновливи извори, велеа дека Северна Македонија нема да има струја со оглед на тоа дека работиме со капацитети стари 45 години. И ние работиме со капацитети стари 45 години, кои работат со многу нечиста технологија, со јаглен, мазут, меѓутоа тоа го имавме на располагање и благодарение на инженерите во ЕСМ, успеавме да произведеме електрична енергија која што никој не очекуваше да биде произведена во државата. Ние го зголемивме производството на електрична енергија за 45% и во месеците во кои што опозицијата велеа дека ќе нема електрична енергија. Ние имавме и вишоци на електрична енергија и не дозволивме покачување на цената на електрична енергија. Иако велеа дека дупло ќе се зголемела цената, ние не дозволивме ценовен шок за граѓаните со оглед на тоа дека обезбедивме прво зголемено производство и второ субвенционирање на цената на електрична енергија за сите граѓани и сите мали потрошувачи до 90% од цената“, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.