Ковачевски вели дека Македонија станува вистинска крстосница на Балканот

Премиерот Димитар Ковачевски, денеска, заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски беше на увид во градежните зафати за рехабилитација на регионалниот пат Демир Капија–Давидово. На настанот присуствуваа и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, директорот на Јавното претпријатие „Македонија пат“, Костадин Ацевски, како и градоначалникот на Општина Демир Капија, Лазар Петров.

„Овој пат на кој се наоѓаме денес беше долгогодишна потреба и желба на граѓаните на Демир Капија, но и на населените места Клисура, Давидово и со ова што го правиме денес, државата практично покажа дека тоа што не може општините сами да го направат, државата е тука и Владата да го направат. Овој пат ќе отвори перспективи и за заживување на целиот регион и отворање на нови можности за развивање на бизнис иницијативи како за домашни, така и за странски инвеститори. Бидејќи најважниот услов за секој инвеститор е постоењето на модерна и безбедна патна инфраструктура. Токму тоа е еден од нашите најголеми приоритети во моментов. Владата, како ниедна Влада досега, вложува огромни средства во реализација на капитални инвестиции, кои требало и порано да бидат реализирани, меѓутоа биле само проекти кои биле ставени на хартија и со децении не биле реализирани“, рече премиерот Ковачевски на денешниот настан при увид на регионалниот пат Демир Капија-Давидово.

Премиерот истакна дека како Влада се посветени во остварување на деценискиот сон на претходниците, а тоа е создавање на модерна држава со развиена патна инфраструктура која ќе ја постави Република Македонија на светската економска и инвеститорска мапа.

„Многу пати досега сум кажал дека сум човек кој сака да работи на остварување на целите и навистина е така, бидејќи со овие градежни зафати убеден сум дека ја трасираме европската иднина на нашата земја, која конечно после долги години цврсто верувам дека ќе стане главна крстосница на Балканот и на јужна Европа. Нашата посветеност да ја приближиме државата до вратите на Европската Унија се гледа и е видлива преку бројните проекти кои секојдневно ги посетуваме и вршиме увид во реконструктивните или почетните зафати на делниците“, рече премиерот Ковачевски.

Тој ги спомена досегашните активности кои Владата ги презема за модернизација и подобрување на патната инфраструктура во државата, спомнувајќи ги градежните зафати на автопатската делница Демир Капија-Неготино, која е дел од трансевропскиот Коридор 10, како и реализацијата на најголемиот инфраструктурен проект досега во историјата на нашата држава, а тоа е изградбата на коридорите 8 и 10–д.

Изведбата на овој проект, според премиерот, ќе донесе нови 8.000 работни места, нови инвестиции од 1,3 милијарди евра и номинален раст на БДП за 2 процента годишно, во наредните пет години, но и ќе отвори реални можности за развој на нови бизниси и нови работни места за граѓаните.

„Нема да застанеме тука. И во следниот период ќе продолжиме со несмалено темпо да инвестираме во патната инфраструктура, за која во изминатите пет години се вложени 1 милијарда евра во изградба и реконструкција и рехабилитација на патишта, период во кој се изградени и рехабилитирани околу 1.400 километри патишта. Наместо во непродуктивни и економски неоправдани трошења, ние се грижиме и ќе продолжиме да се грижиме за нови капитални инвестиции со употребна вредност со цел да ја надминеме бројката од 465 милиони евра, рекордна реализација на капитални инвестиции која ја постигнавме лани“, нагласи премиерот Ковачевски, додавајќи дека Владата ќе се потпре на домашните компании во реализацијата на големите капитални проекти.