Премиерот Димитар Ковачевски, во однос на тоа како коментира одредени изјави на членови на Заедничката историската комисија со Бугарија, како и во однос на новиот пристап преку дијалог на новоформираните работни групи меѓу двете земји, рече дека треба да се остави на историчарите според својата методологија да ги даваат изјавите, политичарите да зборуваат за политичките прашања, историчарите за историските прашања.
– Историчарите работат според методологија, претседаваат двајца претседатели. Политичките прашања се предмет на разговорот помеѓу министерствата за надворешни работи. Тие денеска имаат состанок во Софија и кога комисиите ќе имаат што да изјават тогаш тоа останува на нив заеднички да го направат. Во однос на Историската комисија треба да се остави на историчарите според својата методологија да ги даваат изјавите, политичарите да зборуваат за политичките прашања, историчарите за историските прашања, рече Ковачевски.
Тој потсети дека со Бугарија е отворен нов пристап во дијалогот при што се формирани работни групи.
– Работните групи веќе ја почнаа својата работа. Првата работна група е во делот на економијата, иновациите и трговијата и го одржа својот состанок. Втората е во областа на инфраструктурата, транспортот, а гледате дека денеска се случи и првиот авионски лет, образование, култура, евроинтеграции, рече Ковачевски.
Тој истакна дека претставници на историската комисија исто така присуствувале на средбата на заедничката владина седница, што се одржа во Софија на крајот на јануари.
Во Софија денеска се одржува редовниот состанок на експертско ниво, меѓу министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и на Бугарија согласно договорената динамика на билатерални преговори за т.н. пакет на политички прашања.
Состаноците на работните групи меѓу двете земји, ќе продолжат со најавеното темпо – четири пати до пет пати во месецот ќе се среќаваат делегации на двете земји за да разговараат за прашања од инфраструктурата, образованието, културата, евроинтеграциите, историјата. Овој месец преговорите продолжуваат преку комисиите, при што на 14-ти ќе се состане Работната група за евроинтеграции, потоа на 21-ви Работната група за образование и на 28 февруари состанок ќе има Заедничката комисија за историски прашања.