Ковачевски во четврток ќе поднесе оставка

Премиерот Димитар Ковачевски во четврток ќе поднесе оставка, по што ќе се отворат процесите за формирање техничка влада, која треба да го овозможи спроведувањето на парламентарните избори на 8 мај. Ковачевски ова го изјави денеска одговарајќи на новинарски прашања на маргините на конференцијата „Година на европски можности“, која се одржува во Скопје.

Тој посочи дека со оставката на премиерот целата влада ќе биде во оставка, а во однос на тоа дали ќе се проширува европскиот фронт со Алијанса за Албанците при настапот на претстојните избори и дали за тоа разговарал вчера на настанот посветен на Планот за раст за Западен Балкан со лидерот на партијата, Арбен Таравари, Ковачевски не даде конкретен одговор, но истакна дека земјава се наоѓа пред избор за ЕУ или за нешто друго, како и дека во нивната коалиција ќе бидат сите кои се проевропско ориентирани. Ковачевски додаде и дека овие избори нема да бидат избори помеѓу левица и десница, туку ќе бидат избори меѓу Западот и Истокот.

Подготовките и кадровското екипирање на техничката влада се во тек, и се очекува да финишираат до петок. Премиерот Ковачевски и опозициската ВМРО-ДПМНЕ влегоа во политичка дебата за недавањето поддршка за техничката влада и можноста функциите за опозицијата да останат празни. А Ковачески денеска одговарајќи на прашањето зошто во 2016, кога беше избрана првата техничка Влада било возможно мнозинство, тогаш ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да ја гласа со опозициските министри, тогаш од СДСМ, чии пратеници не влегоа во салата, истакна дека тогаш биле други услови.

-Тогаш вие знаете дека Собранието беше злоупотребувано од страна на власта. Вие се сеќавате при носење на буџет пратениците на СДСМ беа исфрлани од Собранието и владееја други услови. Таа пржинска влада беше воведена токму заради тоа што не постоеше демократија во државата. Инаку, денес ние имаме апсолутно владеење на демократијата, самите вие медиуми можете да потврдите за слобода со која можете да известувате што не беше случај до 2016 година кога сите вести беа нарачани, некогаш беа и распродадени па не можеше ни спортски вести да се видат кога игра репрезентација. И затоа сметам дека сега треба сите политички партии согласно закон да ја поддржат оваа влада, особено што се работи за мандатар којшто мандатар бил министер во времето на ВМРО-ДПМНЕ. Јас ги гледам дел од претставниците на ВМРО-ДПМНЕ коишто на мандатарот за техничката влада за техничкиот министер сега го условуваат со одредени епитети коишто не беа исти во времето кога беше нивни кандидат за министер за одбрана и кога го ословуваа со г. Џафери, истакна Ковачевски.

Повтори дека до недела кога треба да се изгласа техничката влада има време и нагласи дека сите вклучени во овој процес трфеба да бидат сериозни.

-Не може некој да се однесува како 13-годишно дете, јас ќе предложам и нема да гласам, нема да гласам ова, нема да гласам она. Значи, секој мора да биде сериозен. Никаде во свет нема да предлагате министри а друг да ви ги гласа. Еве, најдете ми еден пример кај што некој предложил министри и барал да му ги гласа некој друг, рече Ковачевски во врска со најавите на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да му даде поддршка на предложениот технички премиер, актуелен претседател на Собранието, Тала Џафери, но и во однос на тоа што опозициската партијата се уште нема предложено свои министри и заменици во преодната влада.

Во врска со информациите дека министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу ќе поднесе оставка, Ковачевски одговори дека целата Влада ќе биде во оставка во четврток околу 10 часот изутрината, така што нема потреба никој од министрите да поднесува оставка.

-Министерот Алиу е квалитетен човек. Се работи за еден извонреден стручњак, доколку и политиката ја тргнеме на страна моето мислење секогаш ќе биде такво и пред да стане министер и како министер и нормално и откако нема да биде министер бидејќи никој не бил вечно министер, ниту пак некој бил вечно претседател на влада. Целата оваа дискусија е во насока на законите што неговото Министерство ги има предложено во Собранието, а и за коишто знам дека веќе се подготвува расправа во Собранието. Има пратеници коишто имаат различни мислења по однос на дел од овие закони. Се работи за групата на закони за реформи на јавна администрација, за работни односи итн., меѓутоа сметам дека министерот Алиу ќе има добра можност да сето тоа го презентира на парламентарната комисиска расправа и подоцна на парламентарната пленарна седница. И мислам дека тој ќе биде тој којшто овие закони ќе ги презентира и треба да ги презентира бидејќи навистина напорно работеше на нивната финализација, истакна Ковачевски.

Во однос на можноста за проширување на европскиот фронт за настап на престојните избори со АА, Ковачевски рече дека вчера во Скопје на лидерскиот состанок за Планот за Западен Балкан, на кој освен лидерите на сите земји од Западен Балкан присуствуваа и американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија Џејмс О’Брајан и генералниот директор за соседство и преговори за проширување во Европската комисија, Герт Јан Копман, можело да се чујат многу јасни пораки, дека нашата држава се наоѓа пред избор за Европа или за нешто друго.

-И тоа го кажувам и јас во текот на изминатите две години, меѓутоа тоа го кажува и исклучително висок американски претставник и тоа на сите наши граѓани им е јасно. На една страна имаме коалиција која што денес ја предводи Владата со која што коалиција станавме земја членка на НАТО и со која што отпочнавме преговори со ЕУ и на друга страна има политички партии коишто се против членството во НАТО и беа против членството во НАТО и коишто денес се против зачленување во ЕУ. Тие зборуваат за некакво алтернативно решение кое што ниту некој го видел, ниту го слушнал, ниту пак може да го види – зашто, затоа што не постои, истакна премиерот.

Претстојните избори, според Ковачевски, се избор меѓу Западот и Истокот.

-Вообичаено станува збор за избори, каде што имате политички партии центар и лево од центар или политички партии центар и десно од центар, кај нас сега ќе бидат избори на кои ќе се соочат политички партии коишто се за западна ориентација на државата и политички партии коишто се за јасна источна ориентација на државата. И затоа на крајот сметам дека нашата коалиција ќе ги има сите политички партии коишто денес се дел од оваа проевропска коалиција, од оваа прогресивна коалиција, а граѓани многу јасно кажуваат преку сите анкети дека се за европска интеграција на државата, рече премиерот.