Премиерот Димитар Ковачевски кажа дека не се чуди бидејќи законите се преплавени со амандмани од Левица и ВМРО-ДПМНЕ, но не одговори дали очекува покрај ваквата состојба да се донесат осумте закони кои се важни за компаниите „Бектел и Енка“ и изградбата на Коридор 8. Ковачевски повтори дека ВМРО-ДПМНЕ е заложник на Левица.
„Мене не ме чудат амандманите од Левица. Кога претседател на една партија оди и се поклонува на гробот на Енвер Хоџа, не треба ништо да ве чуди, а особено не треба да ве чуди од партија која е заложник на партија на која што претседателот оди да се поклони на гробот на Енвер Хоџа. Така што сметам дека специјалниот закон е предложен и донесен од пратеници во Собранието, без некој да е против. И сите постапки се правени со тој специјален закон“, кажа Ковачевски.
Прашан зошто измените на деветте, односно сега осумте закони (без спорниот за културното наследство), не се поднесени од Владата туку од пратеници во Собранието, Ковачевски одговори: „Сметам дека пратениците имаат доволно знаење и визија за да донесат законски решенија кои ќе обезбедат побрзо и поефикасно работење на компаниите проектанти и изведувачи на овој проект, за да конечно, нашата држава добие Коридор 8 и Коридор 10Д каков што државата немала, а граѓаните заслужуваат“.