Долгорочното одложување на европската интеграција влијае на евроскептицизмот и недовербата во целина, проширувањето на ЕУ ќе ја зголеми безбедноста и ќе ја стабилизира демократијата. Многу е важно Северна Македонија и Албанија да ги започнат пристапните преговори со ЕУ без одлагање, вели премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски за грчкиот весник „То вима“, истакнувајќи дека особено во контекст на војната во Украина, важно е процесот да започне без ден одлагање, јави дописничката на МИА од Атина.
Во интервјуто под наслов „Веднаш да започнат пристапните преговори со ЕУ“, направено по повод учеството на премиерот и владината делегација на Делфи форумот во Грција што се одржа од 6 до 9 април, Ковачевски говори за ЕУ перспективата, за бугарското вето, војната во Украина, но и последиците за нашата земја.
Премиерот порачува дека „НАТО и ЕУ треба да го задржат својот кредибилитет за да го зајакнат регионот“, а политиката на отворени врати е историски успех кој обезбедува мир и безбедност на целиот европскиот континент.
– Оваа политика мора да продолжи за да се обезбеди интеграција на регионот, безбедност и стабилност на Западен Балкан. Долгорочното одложување на европската интеграција влијае на евроскептицизмот и недовербата во целина. Треба да ги надминеме регионалните спорови. Ова денес е прашање на безбедност, а не на економија. Проширувањето на ЕУ ќе ја зголеми безбедноста. Ќе ја стабилизира демократијата. Многу е важно Северна Македонија и Албанија да ги започнат пристапните преговори со ЕУ без одлагање, вели премиерот.