Ковачевски заминува од директорската позиција во ЕСМ, ќе го наследи Васко Стефанов

Васко Стефанов ќе биде новиот директор на АД ЕСМ по повлекувањето на Васко Ковачевски, неофицијално објави „Фокус“.
Стефанов беше директор на „Македонска Пошта“ по разрешување на Јани Макрадули, а бил директор и на Водостопанство.
Васко Ковачевски пред неколку месеци поднел до Владата оставка од функцијата генерален директор на АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ).
Како што објавија некои медиуми, тој изјавил дека ја депонирал неговата оставка до премиерот Димитар Ковачевски.
Васко Ковачевски попладнево во Владата треба да одржи прес-конференција за годишниот извештај на АД ЕСМ за 2022 година, на која се очекува да биде соопштена и официјалната информација за неговото заминување.
Надзорниот одбор на ЕСМ го назначи Васко Ковачевски за претседател на Управниот одбор и за генерален директор на државната компанија во јули 2019 година. Тој претходно беше директор на РЕК „Битола“ (најголема подружница на ЕСМ) од јануари 2018 година.
Ковачевски, како што пишува во неговата биографија, е дипломиран инженер по термоенергетика и е поранешен советник во Советот на Општина Битола во периодот од 2013-2014 година, како и пратеник во Собранието од СДСМ во два мандата, од 2014 до 2016 и од 2016 до 2017.