Ковачевски: Заврши времето на изобилство, ова е време на штедење на електрична енергија

Премиерот Димитар Ковачевски во одговор на пратеничко прашање истакна дека Владата има план за справување со енергетската криза и веќе ги има ставено во функција сите свои капацитети, посочувајќи дека зимата која ни претстои ќе биде многу тешка за што е потребно одговорно однесување и трошење на електричната енергија од сите субјекти.„Ова е време на штедење, заврши времето на изобилство со електрична енергија во Европа, меѓутоа ова и време за одговорност. Не може личните интереси на некого да бидат над државните интереси на граѓаните”, рече Ковачевски.

Премиерот посочи дека со планот се опфатени: под број 1 ставање во функција на сите производствени капацитети на државата. Број 2 обезбедување на енергенси за нивно непречено функционирање. Број 3 непречена отвореност во текот на целиот период пред нас на прекуграничните капацитети заради снабдување на електрична енергија од странство која недостасува во нашиот систем.

„Веќе се работи на оспособување на блок три во РЕК Битола. Вчера го замолив менаџментот на РЕК Битола да ги повика медиумите за да можат да се уверат со каква технологија работи РЕК Битола бидејќи во голем дел е експониран во јавноста, да можат преку медиумите и граѓаните да видат дека се работи за технологија 50 години стара направена во време на Југославија. Јас изразив и изразувам голема благодарност до сите вработени до сите технички лица и инженери кои работат и во РЕК Битола и во Осломеј и во ТЕЦ Неготино кои навистина со над човечки напори и голема посветеност успеваат во тие капацитети да произведат електрична енергија. Јас се надевам дека ќе ја прифатат мојата молба за да можат медиумите, граѓаните да се уверат за тоа каква технологија се работи која е 50 години стара.

Исто така, потоа во функција е ставен ТЕЦ Осломеј кој долги години не работеше и ставен е во функција ТЕЦ Неготино. Поточно е ставен првиот котел во функција во ТЕЦ Неготино и тој веќе произведува електрична енергија со моќност од 80 мегавати на час енергија и се работи на пуштање на вториот котел”, рече Ковачевски.

Премиерот го повика претседателот на Комисијата за финансирање и буџет да ја свика Комисијата за да го одобри заемот од ЕБРД со кој треба да се обезбеди ликвидност на ЕСМ.

„Не одобрувањето на овој заем значи дека нема да има ликвидност во ЕСМ, ако некој има цел да нема ликвидност во ЕСМ за да не може да се обезбеди електрична енергија во државата, и со тоа да се предизвика некаква друга последица а не редовно снабдување со електрична енергија треба да каже. Со оглед на тоа дека сметам дека сите овде работиме за доброто на граѓаните, како што кажав и вчера јас замолувам и укажувам овие важни закони што поскоро во најбрз рок да се донесат”, рече Ковачевски.