СДСМ и Коалицијата за европска иднина денеска во Скопје ја промовираше „Програмата за европска иднина“ и носителите на листи и кандидатите за пратеници со кои ќе настапи на претстојните парламентарни избори закажани за 8 мај.
Во Првата изборна единица носител на листата е претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, а како коносител ќе биде претседателката на коалицискиот партнер ЛДП, Моника Зајкова. Во втората ќе бидат Оливер Спасовски и Фатмир Битиќи, додека во третата изборна единица предводници ќе бидат Сања Лукаревска и Љупчо Николовски. Носител во четвртата изборна единица ќе биде поранешниот министер за здравство, Венко Филипче со Јована Тренчевска. Во петтата изборна единица предводници на пратеничките листи се Јован Митрески и Бисера Костадиновска-Стојческа, а во шестата изборна единица Славјанка Петровска и Агрон Демири.
Ковачевски во обраќањето нагласи дека нивните ветувања се амбциозни, но се реални и остварливи, затоа што, како што рече, ние сме посветени на европскиот пат, ние знаеме дека немаме друга алтернатива.
-Знаеме дека со напорна работа, нема недостижна цел. Ние нема да се откажеме од подобра, европска иднина за земјата. Нема откажување од иднината, рече тој.
Ковачевски истакна дека можностите за економски развој и за подобар животен стандард ќе се зголемат уште повеќе со членството на Северна Македонија во ЕУ.
-Затоа е важно да се продолжи европскиот пат, тој нѐ носи до единствениот европски пазар од половина милијарда луѓе со што за нашите компании ќе се отворат огромни можности. Европскиот пат носи и подобар животен стандард за граѓаните, повеќе и подобра работа за компаниите, дополнителни фондови за развој на нашата економија, Единствено влезот во ЕУ е гаранција за европски стандард. Тогаш просечната плата ќе изнесува 1.300 евра, а минималната плата 800 евра, порача Ковачевски.
Тој потенцира дека економската програма на СДСМ предвидува повеќе за сите и предвидува подобар живот за сите, доближување на животниот стандард до европскиот и сето тоа преку издржани и конкретни мерки.
-Гарантираме дека во наредните четири години просечната плата ќе достигне рекордни 1.100 евра, а минималната плата ќе изнесува 600 евра. Она што сакам да го потенцирам тука е дека единствено влезот во ЕУ е гаранција за европски стандард. Тогаш просечната плата ќе изнесува 1.300 евра, а минималната плата 800 евра. Нашиот економски план предвидува намалување на стапката на невработеност од 12 проценти на 7 проценти до 2028 година – едноцифрена бројка, за првпат во историјата на независна Македонија. Планираме 180 милиони евра директна финансиска поддршка на домашните компании за инвестиции во производство и поттик на економскиот раст со 3,5 милијарди евра јавни капитални инвестиции. Гарантираме дека во 2028 година минималната пензија ќе биде 20.000 денари, а просечната пензија 30.000 денари. Дополнително, предвидуваме новогодишна поддршка од 6.000 денари за секој пензионер, рече Ковачевски.
Дел од програмата е и зголемување на повратот на ДДВ на 3.000 денари до 2028 година, како и бесплатен оброк за учениците во основните и средните училишта, бесплатен јавен превоз за учениците и студентите од прво одделение до дипломирање и бесплатна едукативна екскурзија во петто одделение со цел подобро запознавање на државата.