Ковачки: Бектеши кога очекува да стартува изградбата на фотонапонска централа на семејството Ахмети?

Во 2018 година основана е „Хелиос Плант“ фирма во сопственост на синот на Али Ахмети, Шкумбин и неговите братучеди Бесиан и Дрин. Фирма чија основна дејност е производство на струја. Две години подоцна, Зоран Заев како премиер и Крешник Бектеши како министер за економија ја најавуваат програмата на владата „Акција 21“, при што Заев најавува распишување на тендер за фотонапонска централа од 60 MW, инвестиција која самиот Заев ја најавува дека е во вредност од 35 милиони евра, истакна на денешната прес-конференција пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки.

Во продолжение интегрален текст и видео од прес-конференцијата на Ковачки:

-Најавата на Заев целосно се совпаѓа со планираната инвестиција на семејството Ахмети. 60 MW фотонапонска централа вредна 35 милиони евра.

Во 2021 година, исто како и денес министер за економија е Крешник Бектеши, кој вчера видовме дека поприлично е запознаен со бизнис активностите и имотната состојба на семејството Ахмети.

Дали инвестицијата за која што Шкумбин, Бесиан и Дрин ја отвораат „Хелиос Плант“ е всушност 60 MW фотоволтаична централа вредна 35 милиони евра? Дали Крешник Бектеши е одблизу запознаен со истата и дали е тоа причината поради која тој како портпарол на кланот Зајас е прилично упатен во бизнисите и имотната состојба на семејството Ахмети?

Знаејќи дека се чекаат мислења и одговори од повеќе институции, го прашуваме Крешник Бектеши, кога очекува да стартува проектот за изградба на фотонапонска централа на семејството Ахмети?

Дали Ахмети чекаат на владата да го објави огласот за истата, и дали ова е следната мултимилионска инвестиција на кланот Зајас?

Дали оваа инвестиција е причина за нервозата во кланот Зајас, па вчера го активираа и Бектеши во обид да го правда Шкумбин, како млад успешен бизнисмен?

Кланот Зајас треба да се соочи со одговорност, а ДУИ со опозиција. Потребни се промени, порача Ковачки.