На денешната седница во Собранието пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, истакна дека власта не понудила ниедно решение за граѓаните, а СДСМ во меѓувреме се претворила во најобичен приврзок на ДУИ, на Али Ахмети и на Артан Груби за кој деновиве слушаме како се богател на грбот на граѓаните.
„Македонските граѓани немаа можност да гласаат на избори за својот премиер, ама последно имавме можност да го слушнеме неговото експозе. Премиерот напаѓаше политички партии, а не понуди ниту едно решение за проблемите на граѓаните. За кои што се лично одговорни тој и неговата СДСМ која во меѓувреме ја претвори во најобичен приврзок на ДУИ на Али Ахмети и на Артан Груби за кој деновиве слушаме како се богател на грбот на граѓаните“, нагласи Ковачки.
Тој истакна дека министерот за дијаспора никој не го знае, како и тоа дали и што сработил, а и премиерот ништо не кажал за него.
„Јас, како пратеник, не знам колку време би требало да му се посвети на министерот за дијаспора од проста причина што никој не го знае, и дали и што сработил односно не сработил досега. Ниту премиерот кажа нешто за него, ниту негативно, а достави предлог за разрешување“, истакна Ковачки.
Според него, безбедноста на граѓаните во Македонија никогаш не била толку загрозена, а од моментот на доаѓањето на Оливер Спасовски на чело на МВР на подрачјето на Град Скопје до денеска имало нерасветлени 20 убиства.
„Во Македонија безбедноста на граѓаните никогаш не била позагрозена. Институциите не ја владеат состојбата и во најголем дел од случаите се реактивни, некогаш не реагираат, а често пати реагираат во полза на прекршителите на законот со кои се во спрега. Во делот на безбедноста на младите неизбежно е спомнување на проблемот со дрога која е достапна како никогаш досега, младината ни се труе и се навлекува на психотропни супстанци, а власта не презема ништо. Власта е во спрега со криминалците како што споменав погоре, тоа го видовме кога цели акции на ЈО беа пробивани од лица кои се задолжени за безбедноста на државата“, нагласи Ковачки.