Директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски не заслужува да биде амбасадор во Франција. Македонската јавност само во изминатиот месец неколкупати беше запознаена дека Агенцијаа е ставена во целосна функција на криминалот и на партиите СДСМ и ДУИ, вели Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.
„Последниот скандал со изработка на позитивна проверка за лице за добивање државјанство, а кое било барано со потерница и е ставено на црна листа на стратешкиот сојузник – САД, само потврдува дека АНБ е во целосен нокаут и дека криминалот е длабоко навлезен во структурите. Очигледно е дека кога се пари во прашање, за раководството во АНБ не постои Закон и процедура која не може да ја заобиколи, притоа не водејќи сметка за штетата на меѓународниот углед кој ѝ го нанесува на најмладата НАТО членка“, пишува Ковачки на својот профилна Facebook.
Додава дека по овој и сите други скандали, Минситерството за надворешни работи мора да ја преиспита одлуката Димовски да биде испратен за амбасадор во Париз, а ако тоа не го направи министерството, Ковачки повикува да реагира претседателот Стево Пендаровски.
„Доколку МНР не ја повлече одлуката за номинирање на сè уште актуелниот директор на АНБ за амбасадор во Франција, на потег ќе биде претседателот Пендаровски. Барем еднаш нека се одважи и нека не биде партиски извршител, односно нека не го потпишува Указот за лице кое ѝ нанесува срам на Македонија“, наведува Ковачки.
Реакцијата од пратеникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ следува откако во петокот порталот „Призма“ објави дека украинскиот политичар Олександр Онишченко во мај годинава добил македонско државјанство, иако се наоѓа на листата на санкционирани личности од САД, на која е ставен во јануари 2021 година, поради тоа што е „член на руската мрежа за влијание врз американските претседателски избори“.
Онишченко дури и ја претставувал Македонија на меѓународна сцена. Имено, пет месеци откога го добива македонското државјанство, тој настапил под македонското знаме на натпревар во коњички скокови, во Сен Тропе.
Покрај ВМРО-ДПМНЕ, вчера реагираше и опозициската Алијанса за Албанците која побара Владата веднаш да ја преиспита одлуката за доделување на државјанство.