Ковачки: Украдени документи со назнака „строго доверливо“ чие неовластено откривање може да ја загрози државата, одговорност од Славјанка Петровска веднаш

Втор ден Министерството за одбрана молчи за украдените класифицирани документи и за украдените компјутери на кои имало строго доверливи документи и тоа претставува голем срам за Министерство за одбрана на една НАТО-членка да биде нетранспарентно за ваков настан, а уште поголем срам е неспособноста да се заштитат класифицирани документи и компјутери, изјави во вторникот Драган Ковачки од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Ова е случај кој мора да заврши со кривична одговорност и кон одговорните кои не преземале мерки и овозможиле поединци или група да во сред центар на градот, се осмелат да влезат во заштитен објект на министерството за одбрана и да крадат документи и компјутери“, дециден е Ковачки.

Во објавата на социјалните мрежи потсетува дека според Законот за класифицирани информации, класифицирана информација со степен „СТРОГО ДОВЕРЛИВО“ е информација чиешто неовластено откривање би предизвикало исклучително сериозна штета за ВИТАЛНИТЕ интереси на Македонија.

„Кога се крадат класифицирани документи (мобилизациски) со степен на тајност Строго Доверливо, а за тоа молчи Министерот – Славјанка Петровска, а молчи и Врховниот Командант – во случајов Стево Пендаровски, се отвора сомнеж дека сакаат да го прикријат настанот со цел да се спасат од одговорност“, заележува Ковачки.

Оценува дека по ваков голем скандал, министерот за одбрана треба да си поднесе оставка, а Претседателот на државата треба помалку да зборува за енергетската состојба која не му е во надлежност, туку да се заинтересира за тоа кој и зошто се дрзнал да краде мобилизациски и друг тип на документи, како и за тоа колкава штета е нанесена на Одбраната во која тој има надлежност.