Ковачки: Со резултатите од локалните избори Мицкоски го потврди легитимитетот и има потполн кредибилитет и натаму да биде претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Во владејачката СДСМ имаат избор на претседател, додека во ВМРО-ДПМНЕ имаме конгрес и една од точките ќе биде изборот на претседател на партијата, а Христијан Мицкоски со победата на локалните избори го потврди легимитетот и има целосен кредибилитет и натаму да ја води партијата, изјави во централниот Дневник на телевизија Сител во саботата Драган Ковачки, пратеник и член на Извршниот комитет на опозициската партија.

„На конгресот планираме значи да ја разгледаме новата доктрина на партијата, да се усвојат стратешките документи, да се потврдат стратешките правци и одредби на партијата и да се дефинираат идните правци за дејствување на партијата во услови на идните предвремени парламентарни избори со кои планираме да ја освоиме власта. Што се однесува до изборот на претседател засега според мои информации единствено претседателот Христијан Мицкоски ја има најавено кандидатурата, а според Статутот секој кој што ги исполнува условите може да се пријави дури и може да се пријави до самиот ден на конгресот, а тоа е 12-ти декември“, истакна Ковачки.

Додаде дека не може да шпекулира дали ќе има нови кандидати, меѓутоа, како што посочи, кога станува збор за партискиот челник Христијан Мицкоски факт е дека тој со резултатите од последните локални избори го освои и легитимитетот и има потполн кредибилитет да продолжи натаму да биде претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

„Јас лично ја давам мојата поддршка за претседателот Христијан Мицкоски“, нагласи Ковачки.

Ковачки посочи дека се работи за нова доктрина која што ќе биде претставена, но не би сакал да открива детали околу самата доктрина.

„Доктрината ги опфаќа сите делови од функционирањето на општеството“, рече Ковачки.