Ковачки: Спасовски вработува сопартијци-криминалци! – Самарџиев началник на СВР Велес незаконски, само со 5 години искуство!

На својот фејсбук-профил Ковачки пишува: По објавата во јавноста за партизацијата во СВР Велес, односно за поставениот началник на СВР Велес Александар Костов, кој со писмени наредби ја извршуваше оваа висока функција, и покрај тоа што за него имало пресуда за незаконско работење во службата, министерот Спасовски продолжува со низата на незаконски решенија и со поставувањето компромитирани кадри на високи полициски функции.

Од пред некој ден на позицијата началник на СВР Велес е поставен несоодветно Ристе Самарџиев од Градско. Претходно Самарџиев бил началник на отсекот за превенција, каде што исто така незаконски бил поставен, односно и тогаш како и сега немал доволен полициски стаж. Во МВР е вработен во 2018 година. Значи само со 5 години искуство – директно началник на СВР Велес.

Новопоставениот началник Самарџиев не крие дека е присутен на повеќе партиски митинзи и настани, за што има објавено повеќе фотографии. Во врска со ова внатрешната контрола во МВР, и покрај поднесени повеќе претставки, продолжува слепо да ги заштитува партиските кадри промовирани директно од страна на министерот Спасовски.

Меѓу вработените во СВР Велес кружи информација дека и Самарџиев, исто како и претходниот началник Александар Костов, дека тешко ќе добиел соодветен сертификат за државна тајна, со оглед дека пред некое време веќе не успеал да биде префрлен, бидејќи не можел да го добие потребниот сертификат. Не би навлегувал во причините за тоа. Тука не запираат партизацијата и криминализацијата во овој сектор, па така претходниот началник А. Костов непосредно после јавната реакција е тргнат од оваа висока функција и повторно поставен за командир на ПС Велес, од која позиција претходно извршил кривично дело!

Срамот и бесмислиците продолжуваат. Функцијата помошник–началник на СВР Велес ја извршува Т.А., контроверзна личност, кој за време на криминалното владеење на СДС од обичен полицаец за кратко време бил унапреден како командир на ПО Чашка, а потоа и како командир на ПС Велес! Според информациите, против него, заедно со други високи старешини, внатрешната контрола во 2020 година до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднела кривична пријава за кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластувања“ како и „несовесно работење“, извршени во 2019 година, за кои се уште нема разрешница.

Но, тоа повторно не го спречува Спасовски да го унапреди Т.А.како втор човек на секторот, особено што за него институционално во повеќе наврати имало претставки за дискриминација при работењето кон други полициски службеници. Тој ја извршува и функцијата офицер за безбедност! Тука не запира списокот на компромитирани високи полициски кадри во СВР Велес: мора да се напомене и Е.Т, началникот на одделението за полиција, кој е претпоставен и одговорен на целокупниот униформиран состав.

И покрај тоа што внатрешната контрола против Е.Т. и други високи полициски службеници поднела  пријава за работењето, министерот Спасовски ги оставил да ги извршуваат високите функции, што директно фрла сомнеж врз нивното работење. Ваквите примери немаат крај. До пред извесно време на позицијата началник за недозволена трговија со дрога и оружје незаконски е поставен Л.К., активист во „Шарената револуција“, кој со недоволен полициски стаж е поставен на оваа функција. Која е целта на поставувањето на Л.К. на оваа одговорна позиција?

Во овој сектор Спасовски директно од улица вработува партиски кадри, кои на велешката јавност ѝ биле познати како лица со слаб интегритет и оти за нив имало кривични пријави за дрога според членовите 215 и 216 од Кривичниот закон. Јавноста мора да биде целосно запозната со апатијата, криминализираноста и партизацијата, во која е западнат овој сектор. И покрај повеќето интерни конкурси, кои тековно се спроведуваат, Спасовски потпишува решенија само на партиски докажани кадри.

На овој начин Спасовски директно го разградува системот за безбедност и влијае врз:

1. Намалување на ефикасноста и професионализмот на министерството: овие непрофесионални унапредувања можат да доведат до незадоволство на службениците да ги исполнуваат ефикасно своите задачи и одговорности.

2. Политизација на полициските и правните процеси: ако се унапредуваат лица, поради партиска припадност, или ако се заштитуваат од кривични пријави, тоа може да доведе до некомпетентност и корупција во примената на законите и правосудството.

3. Незадоволство и недоверба на јавноста: гледајќи непрофесионални и корумпирани лица на важни позиции, граѓаните ја губат доверба во правосудствениот и полицискиот систем. За да се подобри ефикасноста и политичката независност на Министерството за внатрешни работи е важно да се унапредуваат службеници врз основа на нивниот професионализам и способности, а не поради политички и други причини.