Ковачки: Владејчакото мнозинство не се води по правото и принципите туку по партискиот и личен интерес

И синоќа во доцните часови ви кажав и денеска ќе допрецизирам дека во ова Собрание се силува и Уставот и законите но и Деловникот. Сведоци сме на обид, но и класичен упад во процедурите и кршење на Деловникот на Собранието. За жал на кревката македонска демократија тоа се случува во континуитет. Само ќе потсетам на обидите за носење на законот за Академија на судии и обвинители, закон со кој треба да се вдомат децата на функционерите на СДСМ и ДУИ, како и деца на партиски мегафони на овие структури. Без никаква консултација со опозицијата ова Собрание минатата година го донесе законот за Агенција за разузнавање, закон кој според насоките на Прибе и со поддршка на меѓународни институции и пријатели на Македонија како ОБСЕ мораше да има инклузивност и поддршка од сите пријатели за градење на оваа безбедносна служба. Оти таа служба е на Македонија, а не на овие партии“,истакна Драган Ковачки, пратеник од редовите на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за „Обнова на Македонија“ на денешната собраниска седница.

Ковачки додаде дека истото сега се случува и на денешната седница, на Дневен ред се ставени законот за внатрешни работи и законот за полиција. Тоа се закони од безбедносна сфера, за кои опозицијата воопшто не е консултирана. А, амандманите на опозицијата беа експресно одбиени.

„Значи се продолжува со игнорирање на опозицијата за прашања од државен интерес. Денеска со ставање на точка односно одлука за разрешување на еден член од комисиите без притоа да се испочитува процедурата која што е пропишана со Деловник и процедура која самиот претседател на Собрание јавно ја потврди на гостување на една од националните телевизии, докажувате дека не ве води правото, не ве водат принципите туку ве води партискиот и личен интерес“, нагласи Ковачки.

Ковачки посочи дека со право граѓаните ќе прашаат како е можно после толку време седење на тоа столче како претседател на Собрание од кој еден мандат не само што е нелегитимен туку и нелегално избран на насилнички начин со гласање со две раце на седница на која што нема записник. И како е можно тој големото искуство кое што го има во вршењето на таа должност да биде првиот што уште еднаш ќе ги прекрши процедурите и во два наврати различно ќе го толкува и ќе постапува по истиот.

„Јас лично не сум изненаден од тоа што тој што е најповикан и што треба да се грижи за почитувањето на Деловникот токму тој го крши“, укажа Ковачки.