Ковачки: Власта со скандали во безбедносниот сектор испровоцира реакција од САД и НАТО

Пратеникот Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листа во ИЕ 3, во интервју за КУРИР говореше за бројните скандали во секторите безбедност и одбрана, за претстојните избори, очекувањата од нив, но и за повеќе теми од интерес на граѓаните.

Во изминатиов период тој пред македонскиот народ обелоденуваше низа скандали кои ја разбрануваа јавноста, па на почетокот од разговорот го прашавме токму за оваа тема. Вели дека толку е голем бројот на скандали, што јавноста не може сите да ги процесуира бидејќи се речиси секојдневни. Уште поскандалозно од самите скандали е фактот што власта не направи ништо да ги реши ваквите проблеми или барем да се оправда и да ги образложи пред јавноста.

-Како најголеми скандали во безбедносно-разузнавачкиот сектор би ги издвоил скандалот со Онишченко, издавање на државјанство на рускиот шпион по што следеа низа реакции од НАТО членките, но видовме дека власта не најде начин да преземе одговорност. Очигледно е дека тој случај ќе има влијание и во иднина на нашите односи со НАТО.  Би издвоил како скандал и случајот со пасошите, со издавањето на 215 пасоши на криминалци кои, за жал, ги поткупиле македонските институции, односно нашле простор и пукнатина  во институциите по што добиле пасоши и македонски државјанства, а од друга страна гледаме дека нашите граѓани немаат документи и не можат да патуваат надвор, практично се затворени во сопствената држава. Би сакал да го издвојам и случајот со заменик министерот за внатрешни работи, тој одеше на ноќевање во една ексклузивна дестинација, платена 20.000 евра по ноќевање, што е извор само по себе на корупција. Имавме злоупотреба на државните ресурси. Синот на тој заменик министер бегаше со службени возила, со флешери, но немаше никаква одговорност. Како еден од најзначајните случаи во делот од нарушување на безбедноста е ставањето на црна листа на една од фирмите „Сајтрокс“ која во Македонија развивала софтвер за нелегално прислушкување и следење на комуникации. Истото е детектирано и од страна на нашиот стратешки сојузник САД, но гледате дека од страна на Владата нема никаква одговорност. Техничкиот премиер Талат Џафери на новинарско прашање одговори дека националната безбедност можеби и не е целосно под контрола на Владата. Едно тотално непознавање посебно од човек како Џафери да бега од одговорност и да се вади, да нема никаква реакција од институциите, истакна Ковачки.

Потсети и на скандалот со директорот на Агенцијата за разузнавање каде јасно се гледа дека неговата сопруга има добиено грант за работа поврзана со работата на нејзиниот сопруг. Овој случај го нарече “упад во разузнавачко-безбедносниот систем од првите лица на тие институции“.

Посебен осврт Ковачки направи на хаосот кој македонските граѓани го доживеаја во обидот да извадат лични документи, обврска која им беше наметната. Неговиот одговор на прашањето што се случи и кој е виновен, можете да го слушнете во видео интервјуто.

„Чест, но и голема одговорност“. Ова за него претставува носителската позиција на изборната листа на ВМРО-ДПМНЕ во Изборна единица 3. Тој веќе е на терен меѓу граѓаните и има јасна слика за состојбите во населените места во таа ИЕ.

-ИЕ 3 е една од најголемите по површина, има 22 општини. Изборната единица е доста иселена, токму поради политиките на оваа Влада. Имаме целосен распад на системот, недоверба во институциите и затоа луѓето си одат. Кога имате деградирани институции, институции кои не функционираат или функционираат со корумпирање на одредени службеници и политичари, кога нема ред во државата, луѓето тоа го гледаат и си заминуваат. Не си заминуваат само младите, си заминуваат и луѓе кои се добро ситуирани. Бегаат луѓето затоа што нема ред, нема правда. Токму тоа што тие го ветуваа дека ќе го донесат, не го донесоа. Во ИЕ 3 имаме протести на земјоделци, има огромен број на пензионери кои се незадоволни и за прв пат излегоа на протести… ВМРО-ДПМНЕ е во фаза на финиширање на програмата за парламентарните избори. Ќе биде даден фокусот на економијата, на развојните програми, на проекти. Знаете дека кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт тогаш се гради, кога се овие останативе на власт тогаш се краде, рече Ковачки во интервју за КУРИР.

Ни откри дека пораката која најчесто ја добива од граѓаните гласи: „Да ни ги вратите децата“. Ковачки им ветил дека ќе направат сè за да создадат услови, да ги развиваат тие краишта и луѓето да остануваат дома, да веруваат во системот, дека ќе има ред, поредок и правда.

Во однос на очекувањата од претседателските избори, во кои се претпоставува дека во вториот круг противкандидат на Силјановска Давкова ќе биде Стево Пендаровски, Ковачки направи куса анализа на досегашниот мандат на актуелниот претседател.

-Сегашниот претседател и кандидат за иден претседател, Стево Пендаровски, целосно потфрли во извршувањето на својата должност. Човекот ги преспа овие пет години на Водно и успеваше со своите настапи да ја засмева јавноста. Тоа е една таква навреда за интелигенцијата на обичниот граѓанин, за Македонецот и останатите граѓани, што Македонија како членка на НАТО тоа не го заслужува. Ако сакаме да бидеме европски граѓани односно државата да биде членка на ЕУ, ќе треба да имаме политичари кои ја разбираат функцијата претседател на државата, кои си ја сакаат државата и кои ќе бидат поискрени кон граѓаните. Во моментов претседателот Пендаровски служи за подбив во јавноста затоа што тоа е човек кој наутро излегува со еден став, напладне се дообјаснува за утринскиот став, а веќе навечер го демантира тоа што го има кажано наутро, истакнува Ковачки.

-Морам да ве потсетам на случаите со Бехтел и Енка. Законите кои тој упорно тврдеше дека нема да ги потпише, видовте дека потоа имаше прес-конференција и веднаш ги потпиша. Се дообјаснуваше, но не помина во јавноста. За францускиот предлог, човекот објаснуваше дека не видел никаков предлог на маса во Скопје, но по 5-6 дена излезе во јавност и кажа дека токму тој го работел. После, откако кажа дека бил добар предлогот да дообјаснува дека ако повторно не се спроведат оние протоколи со Бугарија дека пак ќе имаме вето. Човекот не може да се договори сам со себе, истакна тој.

Ковачки оценува дека толку често менување на ставови од страна на политичар, како што тоа го прави Пендаровски, не сме виделе досега во македонската политика.

-Тој е човекот со најбрзо менување на ставови и мислам дека не ја заслужува позицијата претседател на државата. Тој човек, за жал, одмолчи сериозни скандали во општеството. Немаше никаква реакција по скандалите со загинувањето на луѓето во болницата во Тетово, имаше бледа реакција која што за жал не предизвика дополнителна мобилизација на државните ресурси за откривање на вистината и изнесување на вистинските причинители пред лицето на правдата. Молчеше за Дурмо турс, за Беса транс-случаи каде што имаме загинато луѓе. Тој е претседател на сите граѓани, тој мораше да реагира со своето појавување да влијае на јавното мислење, истакна Ковачки.

Тој порача дека на Македонија и треба претседател кој што ќе биде пред сè чесен, ќе биде личност која е меѓународно етаблирана, призната, личност која е отворена за сите граѓани.

-Потребна е личност која ќе ги слуша граѓаните и личност која што ќе го врати достоинството на функцијата претседател на државата. Ние цениме  и јас сум лично убеден дека професорката Гордана Силјановска Давкова е токму вистинскиот избор за претседател на државата и ценам дека ќе освои убедлива победа на претстојните претседателски избори, рече Ковачки во интервју за КУРИР.