Ковачки: Во „Платформа 1198“ предвидуваме целосна реконструкција на патот Пехчево – Делчево, изградба на капела, нов пат до село Панчарево

На митингот во Пехчево пред присутните зборуваше Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листата за пратеници во третата изборна единица при што посочи на важноста на изградба на клиничката болница во Штип, посочувајќи дека таа треба да биде регионална клиничка болна која што ќе опслужува граѓаните од источниот дел на Македонија и која ќе овозможи граѓаните да се лекуваат таму, место по здравствени услуги да патуваат до Скопје.

Ковачки зборуваше и земјоделието, во која прилика истакна дека, влада на СДСМ и ДУИ од Македонија земјоделска држава, направија земја која увезува земјоделски производи како што се на пример, доматите и краставиците, кои во последно време се увезуваат од Косово.

Тој, исто така, се осврна и на иселувањето, не само на младите туку и на цели семејства, кои од Македонија си заминуваат освен поради економски причини, туку и поради нефункционирањето на системот. Ако порано, додаде Ковачки, македонските граѓани се иселуваа само поради што во Македонија не можеа економски да опстанат, сега имаме ситуации каде што се иселуваат и добро ситуирани граѓани.

За да му се стави крај на сето ова, Ковачки повика да се излезе масовно на избори, прво на 24 април да се забележи огромна победа, а потоа и на 8 мај големата победа да биде верификувана и Македонија повторно да биде вратена во рацете на граѓаните.

Ковачки се осврна и на проектите за овој регион кои се вклучени во предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, „Платформа 1198“ при што ги наброја следните инфраструктурни проекти:

– Предвидуваме целосна реконструкција на патот од Делчево до Пехчево;

– Предвидуваме целосна реконструкција на влезот на Пехчево од Делчево;

– Предвидуваме изградба на нов пат до село Панчарево;

– Ќе го завршиме патот Умлена – Робово – Чифлик;

– За граѓаните на Пехчево ќе изградиме градска капела;

– Нашата влада планира да делегира два милиони евра во четири годишен мандат само за општина Пехчево“, наброја Ковачки, потенцирајќи дека ВМРО-ДПМНЕ има проект за целосна децентрализација на општините, со цел граѓаните да живеат подобро и подостоинствено.