Драган Ковачки, пратеник и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска Комисија за одбрана обвини дека за учество во мировна мисија се давало мито од по 3.500 евра, додека пак за прием на професионален војник по 5.000 евра, и тоа како што истакна тој едната линија е преку лица до владејачката СДС, додека другата е преку ДУИ.
-Ова се работи кои што ги кажувам и не ги зборам на памет, јас имам и конкретни имиња, и кога зборуваме за давање на мито сега споменав 3.500 евра. Знам и една сума на пари која што се дава на курсот за професионални војници, односно за подофицери и за приемот на професионални војници, и таа сума е 5.000 евра. И знаеме на кои лица се дава, и ова не го зборам на памет и не го кажувам само туку така. За ова предупредуваме подолг временски период јас дури и на фејсбук напишав дека имало тепачка претходниот викенд, во делот на приемот на подофицери имате ситуација каде што луѓе аплицирале на тој курс за подофицери, се издава наредба на почетокот на курсот за подофицери во понеделник, меѓутоа списокот се уште не е дефиниран. И списокот се дефинира во недела, луѓето не се известени бидејќи се прават дополнителни политички проценки, односно кои луѓе треба да бидат пишан на тој курс, односно луѓе кои дале по 5000 евра. Ова го зборувам со целиот мој кредибилитет кој што го имам во Армијата на Република Македонија. Така да знаете и вие кој ги зема парите. Има една линија која што оди преку СДС, и една линија која што оди преку ДУИ, порача Ковачки.
Ковачки потенцираше дека одговорност за ова ќе има бидејќи ги има конкретните имиња, но ќе ги предаде на надлежните институции на прогон во истиот момент кога ќе бидат ослободени од канџите на власт, бидејќи како што рече дури и вчерашниот избор на новиот јавен обвинител е на предлог на владејачката коалиција СДС и ДУИ.
-И сега ако сакате конкретни имиња ќе одиме и со тоа, меѓутоа пред надлежните институции тогаш кога ќе бидат ослободени. Затоа што во моментот тие институции не се ослободени и се што ќе се даде таму знаете дека ќе биде заташкано. И тоа можете многу добро да го согледате од моментот што вчера го избраа новиот јавен обвинител кој што е ваш предлог. Кај кого да пријавиме ние сега, кај тој новиот обвинител за гонење на организиран криминал, праша Ковачки.