Ковид-центрите се полнат брзо, критично е во Скопје, Куманово и Прилеп

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во Скопје и во болниците низ земјава е 917 и има околу 290 празни болнички кревети во ковид центрите, соопшти денеска Министерството за здравство.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализрани 28 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 350 лица со ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.

Во последното деноноќие, на интерните клиники имало 8 приеми. Во ковид центарот во ГОБ „8 Септември“ имало прием на 13 нови пациенти, а на Инфективната клиника 19 во текот на вчерашниот ден. Во Козле биле примени пет пациенти. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 23 оздравени пациенти.

Во моментов на Кожната клиника во ковид центарот се лекуваат 29 пациенти, на Клиниката за неврологија 37, на Институтот за ТБЦ има 54 пациенти.

Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 77 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 122 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 25 пациенти. На ГАК има шест хоспитализирани ковид позитивни пациентки.

Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка.

Од Здравство велат дека бројот на приеми во изминативе денови е стабилен и утрово до 8 часот во Скопје имало 5 слободни места, а отворена е и модуларната болница во склоп на Инфективната клиника со дополнителен број кревети.

Во изминатите 24 часа  во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 567 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. Во болницата во Битола се хоспитализирани 41 пациент позитивен и суспектен на ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 46 пациент. На  инфективното одделение во Тетово има 23 пациенти, во Велес се лекуваат 38 болни, а во Куманово 88 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 60 пациенти, во Прилеп 84, во ковид центарот во Гостивар 19, а во Струга 17 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 34 пациенти, во Кочани 9 во Кичево 11, Кавадарци 69, во Гевгелија 15 лица, а во Дебар 13 позитивни и суспектни на корона вирусот.