Кожув и МЗТ во финалето на кошаркарскиот Куп на Македонија

Кошаркарите на Кожув го совладаа Гостивар со 91:72 и се пласираа во утрешното финале за Купот на Македонија, каде ќе ги измерат силите со МЗТ Скопје.

Дуелот беше решен уште по првите две четвртини, кои домаќините ги завршија со 24 поени предност. Во второто полувреме само ја одржуваа предноста за конечен триумф на гевгеличани. Андрија Стевановиќ беше лидер на Кожув и постигна 34 поена, а Митевски со 15 реализирани поени го предводеше Гостивар.

Претходно во петокот вечерта со убедлива победа над КК Пелистер Битола од 103:88 во Гевгелија, МЗТ Скопје обезбеди место во своето петто последователнот финале во Купот на Македонија.

Од самиот почеток „аеродромци“ ја презедоа контролата врз натпреварот, а бековите со агресивна игра поставија темпо кое ривалот не можеше да го следи. Најефикасен беше Андреј Маслинко со 29 поени без промашување (10/10 од поле), Марин Петков додаде 14 поени, Војдан Стојановски додаде 11, а Андреј Магдевски 10 поени со шест асистенции. Кај поразените, Лука Стојановски погоди пет тројки и имаше вкупно 20 поени, Мишковиќ го заврши мечот со 17 поени, а двоцифрен ефект имаа уште и Антоан со 14 и Бојиќ со 11 поени.

МЗТ Скопје по 18-ти пат а Кожув по само вторпат во историјата ќе играат во мечот за трофејот од Купот.
Финалниот натпревар на Купот на Македонија се игра утревечер со почеток од 19,30 часот.