Кошаркарите на Кожув забележаа победа во 16. коло од Првата лига над Вардар Апаве со 84:76. Гевгеличани ја доби првата четвртина со 22:19, а на полувремето замина со предност од осум поени (46:38). Сепак, возбудувањата не изостанаа и во вториот дел од мечот.
На четири минути до крајот, Кожув имаше водство од 74:64, меѓутоа Вардар Апаве се закани, намали на три поени негатива (79:76) во пресрет на последните 60 секунди. Но, Игор Мијајловиќ и Златко Гоцевски ги реализираа слободните фрлања во финишот и му донесоа победа на тимот од Гевгелија.
Најефикасен кошаркар на натпреварот беше Златко Гоцевски, кој постигна 23 поени.
Куманово многу потешко од очекувањата го совлада Карпош Соколи на гостински терен со 68:63, а најефикасен во победничкиот табор беше Ројс Паран со 22 поени.