Преферирам името како што ќе се слуша на меѓународно ниво, да е јасно дека станува збор за тој дел од Македонија што е во денешна ПЈРМ, во Скопје со Албанци и Словени, и дека овој дел нема никаква врска со грчката Македонија. Не сакам да се меша со грчката Македонија. И да биде на нивниот јазик. Но, ова не значи дека некој може да го наметне, ме прашавте што би било најдобро, објасни шефот на грчката дипломатија Никос Коѕија.
Соседната земја, терминот Македонија, долги години го разбираше како национална, а не како географска карактеристика, сега треба да се најде географска или територијална придавка. Моја желба е името да биде непреведно, на словенски јазик, таков пример се Нова Македонија, Вардар Македонија, Горна Македонија, вели Никос Коѕијас, а доколку тој би бил кум на земјата, немало да сака да биде вклучено името Македонија. Сепак, објаснува дека „за жал веќе 25 години, Грција официјално користи сложено име за соседната земја“.
Министерот за надворешни работи на Грција во синоќешното интервју за грчката телевизија Алфа, снимено само неколку часа по маратонските преговори во Виена, откри детали за грчките позиции, за нацрт спогодбата, за нашата евро-атлантска перспектива, за медијаторот Нимиц, но и каде се наоѓаме во преговорите, јавува дописникот на МИА од Атина.
Шефот на грчката дипломатија вели дека во Виена имало речиси 12-часовни континуирани преговори, но сѐ уште не постои договор за ниту една точка, барем според неговата перцепција. Во однос на изјавата на македонскиот премиер дека се отстранети три од седумте точки во разговорите, Коѕијас, вели дека понекогаш е важно како се толкуваат работите, затоа што „можеби господинот Заев мисли дека сме договорени за генералните принципи за решение на некои проблеми, а јас можеби мислам на попрактичното решение“.
„Мислам дека господинот Заев изразува оптимизам што е добар за преговорите. Имавме разговор, точка по точка, и кога преговараш точка по точка во основа за ништо не можеш да се согласиш. За секоја точка имаш мислење, има и другата страна свое мислење. Она што можеш да направиш е овие различни мислења да ги ставиш во еден пакет. Академски, ова го викаме пакет решение, што значи јас ќе ти дадам нешто што не е толку важно за мене, но за тебе е поважно, а ти ќе ми дадеш едно прашање што е важно за мене, а за тебе е малку помалку важно. Затоа што во спротивно нема да има договор, објасни шефот на грчката дипломатија.
Географска или територијална одредница на македонски јазик
Во однос на името и одредницата, Коѕијас рече дека постојат различни имиња, како што се „Горна Македонија“, „Северна Македонија“, „Вардарска Македонија“ итн.
„Но, тука постои една дискусија. Името ќе биде на латиница, ќе биде на англиски, со можност да се преведува на сите јазици? Ова мислам дека е нешто што би го сакале Скопјаните. Мојата желба е малку посложена. Би сакал да биде едно име што како што ќе се слуша и ќе се гледа, ќе се сфаќа дека е некоја друга Македонија, географски ентитет, а не историско наследство од грчката Македонија“, рече шефот на грчката дипломатија, а како пример ги спомена имињата (сите ги изговори на македонски, без превод на грчки) „Нова Македонија“, за кое рече дека некои дебатираат дали е со географска или времена одредница, потоа „Вардар Македонија“, за кое рече дека содржи нешто добро за нас, бидејќи „и на албански на словенски првите два слогови се исти „Вардар“, а како друг пример го спомена името „Горна Македонија“.
Коѕијас додаде дека постојат различни зборови, бидејќи е „богат е словенскиот јазик со зборови што може да ја изрази оваа реалност“.
„Преферирам името како што ќе се слуша на меѓународно ниво, да е јасно дека станува збор за тој дел од Македонија што е во денешна ПЈРМ, во Скопје со Албанци и Словени, и дека овој дел нема никаква врска со грчката Македонија. Не сакам да се меша со грчката Македонија. И да биде на нивниот јазик. Но, ова не значи дека некој може да го наметне, ме прашавте што би било најдобро“, објасни шефот на грчката дипломатија.
Говореше за придавка што ќе даде географска или територијална дефиниција, затоа што како што рече „многу години во самата ПЈРМ, терминот Македонија го разбираа како национална, а не како географска карактеристика.“
„Грчката страна веќе 10 години поддржува сложено име, ако ме прашавте кое име би сакал да ѝ го дадам, како кум на оваа земја не би сакал да го има името Македонија. Но за жал веќе 25 години, дури и името што официјално го користи Грција е сложено име, поранешна југословенска Република Македонија,што го содржи името Македонија“, објасни Коѕијас.
Спогодбата ќе биде на 20 страници
Шефот на грчката дипломатија, откри дека првиот дел на нацрт спогодбата што Атина ќе му ја предложи на Скопје е подготвен, а на средината од месецов ќе биде доставена до македонската страна. Документот ќе биде околу 20 страници, а според Коѕијас се однесува на името и на она што произлегува од името, односно каква употреба ќе има името, изведени зборови односно идентитет, националност и јазик, а потоа и другите прашања како што се трговските имиња, акронимите и кратенките. Тој повторно рече дека Грција бара името да биде и за внатрешна употреба, и во билатералните односи со другите земји и за меѓународна употреба.
Евроатлантската интеграција и уставните промени одат заедно
Коѕијас во синоќешното интервју за ТВ Алфа го спомена и македонскиот Устав, за кој рече дека „оние што викаат сега веднаш да се смени, знаат дека не може да се случи тоа и тие не сакаат решение“, но сепак потенцираше дека се неопходни уставни промени за евро-атлантска интеграција на Македонија.
„Постои временски рок во кој може да се обезбеди имплементирање на двете работи. Она што го бараат пријателите од Скопје, интеграција во евро-атлантските институции и она што ние бараме, уставна промена. Тие две работи одат заедно. Не може да се имплементира едното, без да биде имплементирано другото“, објасни Коѕијас, кој рече дека е свесен дека Македонија во овој момент не може да направи уставни промени поради недостатокот на мнозинство, но изрази надеж дека за еден договор да има долгогодишна стабилност и да се консолидира во земјата, потребени се уставни промени.
Шефот на грчката дипломатија ја коментираше и содржината на македонскиот Устав, за кој рече дека го нема иредентизмот што постоеше пред промените во 1995-та, но посочи дека постојат спорни прашања во преамбулата, во член 3 и во член 49, параграф 1 како што е „македонска нација“ и „македонски традиции“
„За да ви објаснам, на пример, член 49 параграф 1 говори за „македонска нација“ вон ПЈРМ. Ние кога говориме за грчка нација вон Грција, говориме за грчка дијаспора. Кога говориш за грчка дијаспора мислиш на Грци што заминале во странство. Кога говориш за, под наводници, македонска нација, мислиш на тоа дека делови од твојата нација постојат во друга земја, како малцинства“, рече шефот на грчката дипломатија.
Нимиц ни е потребен
Коѕијас објасни дека медијаторот Нимиц е потребен во разговорите, затоа што е претставник на Генералниот секретар на ОН и ќе треба да направи извештај за договорот, но и поради тоа што преговорите во одреден дел се водат под палката на Нимиц, а еден дел директно меѓу министрите за надворешни работи.
Како што јавува дописникот на МИА од Атина, во деталното и опширно интервју за грчката телевизија Алфа, Никос Коѕијас изрази уверување дека евентуалниот договор ќе помине во грчкиот Парламент и без да добие поддршка од коалициониот партнер Независни Грци.