Крај Австралија откриено најголемото растение на светот

Научниците крај австралискиот брег го откриле најголемото познато растение на планетата Земја, морска трева којашто се протега на речиси 180 километри и од њујоршки Менхетен, на пример, е поголема околу трипати, а резултатите од истражувањето објавени се во средата во научното списание Proceedings of the Royal Society B.

Истражувачите од Универзитетот на Западна Австралија (UWA) и Универзитетот Флиндерс ја откриле морската трева со латински назив „Posidonia australis“ во плитките води на заливот Шарк, долж западниот брег на Австралија. Веднаш започнале со истражувањето настојувајќи да откријат колку има различни растенија во областа на заливот Шарк, 831 километри северно од Перт.

Со помош на генетски тестирања утврдиле дека оваа голема подморска ливада по должината на брегот на западна Австралија е всушност едно растение од едно семе во текот на период од најмалку 4.500 години.

Новооткриената подводна ливада, на којашто тимот австралиски истражувачи сосема случајно наишол, покрива околу 200 квадратни километри, велат научниците од Универзитетот на Западна Австралија.

За да ја откријат генетската различност на растителните видови, коишто вообичаено растат по должината на некои делово од австралискиот брег, и за да утврдат колку растенија ја сочинуваат подводната ливада собрале примероци и испитале 18.000 генетски маркери за да го создадат генетскиот профил на секој примерок.

„Откритието не одушеви, стануваше збор за само еден генетски профил. И тоа е тоа, само едно растение се проширило од едно колонизирачко семе на дури 180 километри во Шарк Беј, што го прави најголемото познато растение на Земјата“, вели Џејн Еџло, главна авторка на студијата.

Ова растение е исклучително според својата отпорност, бидејќи расте на различни подрачја од заливот со многу променливи услови.

„Се чини дека е исклучително отпорна, бидејќи е изложена на широк распон на температури и салинитети, но и на екстремно количество светлина, а таквата комбинација за повеќето растенија претставува многу стресно опкружување“, додава др Елзизабет Синклер, една од коавторките на студијата.

„Ова поединечно растение можеби е всушност стерилно, бидејќи нема репродуктивни органи, поради што нејзиното преживување и ширење е многу збунувачко. За растенијата коишто се шират без полово размножување вообичаено е карактеристична намалена генетска разновидност, што во вообичаени околности им е потребно за да се носат со промените во околината“, коментира коавторот на студијата Мартин Брид од Универзитетот Флиндерс.

Овој вид растение главно расте како тревник со брзина од 35 сантиметри годишно. Благодарејќи на ова сознание, стручњаците процениле дека на подводната ливада ѝ биле потребни околу 4.500 години да се прошири до сегашната големина.