Крај на лошите практики од минатото за користење на државни возила за приватни цели, во рамките на борбата на новата Влада против злоупотребата на државните ресурси, објави во вторникот Ивица Томовски, кој неодамна беше назначен за директор на Службата за општи и заеднички работи.
На денешната седница на Владата, на предлог на Томовски, е формирана комисија составена од СОЗР, Кабинет на претседателот на Владата, Генералниот секретаријат, Министерството за финансии, Министерството за внатрешни работи, Министерството за енергетика и Кабинет на Министерот за добро владеење, со цел да започне постапка за измена и дополнување на два важни закона за промоција на транспарентноста и владеењето на правото.
Станува збор за Законот за користење и располагање со стварите во државна и стварите во општинска сопственост и Законот за возила.
„Со овие измени ќе се воспостави регистар на сите државни патнички моторни возила кои ќе бидат обележани со регистарски таблици во посебна боја за полесно да бидат забележани од граѓаните. На овој начин, веруваме дека ќе биде оневозможено нивното користење за приватни цели, со што дополнително ќе се зајакне транспарентноста и отчетноста на институциите на државата. Остваруваме уште едно предизборно ветување“, информираше Томовски преку своите профили на социјалните мрежи.