Крај на протестите, се повлекуваат автобусите од блокадите и започнуваат преговорите со Владата

-Протестите прекинуваат и после оваа прес-конференција автобусите се повлекуваат од блокадите. Ќе му се даде простор на дијалогот што го предложи премиерот Димитар Ковачевски, информира попладнево во изјава за медиумите Ленин Јовановски, директор на „Слобода превоз“.

Тој соопшти дека по прес-конференцијата ќе изготват ново барање кое, како што рече, ќе биде во контекст на она што го кажа премиерот Димитар Ковачевски, со што ќе ги исполниме сите негови сугестии. Јовановски очекува да бидат повикани на средба со премиерот.

– Предложивме, она што го кажа премиерот да се испочитува. Денеска по оваа прес конференција сите автобуси што се на улица ќе се повлечат, за да му се овозможи простор на дијалогот што тој го предлага и што за нас е основа за средба на која како што и самиот спомена, ќе бидат презентирани сите аргументи, докази и факти за целава оваа состојба од која и нему и на пошироката јавност, после тие средби, се надеваме дека како авторитети од висока институција, ќе бидат пренесени во изворна форма на јавноста за таа да не се стави во заблуда, рече тој.

Јовановски истакна дека се прифаќа идејата претставниците на приватните превозници кои располагаат со документација, истата да ја презентираат на таа средба.

– Прифаќаме и инсистираме на таа средба да има претставници и од Градот Скопје, но и од ЈСП, и пред него да ги соочиме аргументите со кои што располагаат сите три страни, за јавноста да биде запозната. Во целост прифаќаме сѐ што премиерот Ковачевски кажа, бидејќи вистината е на наша страна и сметаме дека постои таква институционална можност преку отворање на дијалог, кој мора да биде интензивен, што побргу да се реши проблемот, рече Јовановски.