Крај на сезоната за Нејмар

Бразилската фудбалска ѕвезда 31-годишниот Нејмар ќе мора да го оперира десниот скочен зглоб, поради што ќе биде надвор од терените три до четири месеци, објави францускиот фудбалски шампион Пари Сент Жермен.

„Нејмар Јуниор претрпе неколку случаи на нестабилност во десниот зглоб во последните години. По неговото последно истегнување, медицинскиот персонал на ПСЖ препорача операција на лигаментите за да се избегне висок ризик од повторно истегнување. Сите експерти кои беа консултирани ја потврдија оваа нужност“, објави ПСЖ.

Бразилскиот мајстор се повреди на 19-ти февруари на лигашкиот натпревар против Лил.

„Операцијата ќе биде извршена во следните неколку дена во болница во Доха, а ќе му бидат потребни три до четири месеци пред да се врати на тренинзите со тимот“, додаваат од „Паркот на принцовите“.

Тоа значи дека оваа сезона е завршена за Нејмар. Имено, францускиот шампионат завршува на 3-ти јуни, а седум дена подоцна е финалето на Лигата на шампионите. Сепак, парискиот тим има уште долг и неизвесен пат до евентуалното финале во Истанбул.

ПСЖ во среда го очекува реваншот од осминафиналето на Лигата на шампионите против Баерн во Минхен. Во првиот натпревар во Париз, Баерн победи со 1:0.