Крајната десница би можела да го искористи економскиот пад за голема победа на изборите

Launch of the new European Parliament logo

Зголемените трошоци за храна, економската стагнација и влошувањето на животниот стандард би можеле да ги турнат гласачите во рацете на екстремната десница на европските избори подоцна оваа година, што дополнително може да ја разниша политичката агенда во Брисел, пишува AFP.

Граѓаните на ЕУ се соочуваат со повеќекратни кризи. Додека економијата на Европската унија се опоравуваше од пандемијата на коронавирусот, Москва ја нападна Украина во 2022 година, принудувајќи ја Европа да бара нови извори на енергија. Цените на бензините и струјата поскапеа, што им наштети на домаќинствата и бизнисите.

Во екот на растот на животните трошоци, европската крајна десница напредуваше. Џорџа Мелони победи на изборите во Италија во 2022 година, а Герт Вилдерс во Холандија минатата година.

„Постои корелација помеѓу подемот на популистичките сили и економската и финансиската криза“, вели Тиери Шопен, политиколог од Институтот Жак Делор. „Радикалната десница денес значително го искористува чувството на осиромашување“ и „многу силниот песимизам“ кај гласачите, додава Шопен.

Инфлацијата сè уште паѓа, што им дава надеж на европските политичари дека економијата на ЕУ ќе се подобри по повеќе од една година без раст. Меѓутоа, подобрувањата ќе почнат да бидат видливи дури по летото, а не за време на изборите за Европскиот парламент ширум ЕУ од 6. до 9. јуни.

Речиси тројца од четворица жители на ЕУ веруваат дека нивниот животен стандард ќе падне и оваа година, додека речиси секој втор вели дека тој веќе е влошен, според истражувањето на Евробарометар на Европскиот парламент објавено во декември. Околу 37 отсто од испитаниците изјавиле дека имаат потешкотии да ги платат сметките.

Затворањето на фабриките е сѐ почеста појава во автомобилската индустрија, особено во Германија. Помеѓу ноември и јануари, производителот на автоделови „Bosch“ соопшти дека укинува 2.700 работни места, додека ZF затвори фабрика во која вработуваат 700 луѓе, а „Continental“ соопшти дека ќе укине илјадници административни работни места.

„Германската индустрија е силно погодена од високите цени на енергијата и страда од електричната транзиција во автомобилската индустрија. Во моментов не гледаме пресврт во нарачките“, рече Шарлот де Монпелје, економист во „ING Bank“.

 

Германија е во рецесија од минатата 2023 година, а тоа ја погодува цела Европа. Потрошувачката е сѐ уште слаба поради високите цени. Рекордно високите каматни стапки на Европската централна банка (ECB) за ограничување на инфлацијата им штетат на инвестициите и предизвикуваат застој на пазарот на недвижности.

Во меѓувреме, меѓународната трговија, притисната од забавувањето на растот во Кина, не може да ја компензира слабата домашна побарувачка.

„Економијата на еврозоната стагнираше (во четвртиот квартал) и мислиме дека ќе стагнира и во првата половина од оваа година, бидејќи ефектите од минатото монетарно стегање продолжуваат да се чувствуваат и фискалната политика станува сè порестриктивна“, вели Џек Ален-Рејнолдс од „Capital Economics“.

Земјите-членки на ЕУ, исто така, се ограничени од правилата на ЕУ за јавната потрошувачка. Франција во февруари повторно го воведе данокот на електрична енергија, што предизвика зголемување од речиси 10 отсто.

„Мерките за штедење можат да турнат огромен број наши граѓани во рацете на крајната десница, бидејќи се чувствуваат напуштени“, предупреди европратеникот Филип Ламбертс.

 

Неколку истражувања покажуваат силен пораст на крајно десничарските партии кои припаѓаат на групата „Идентитет и демократија“ (ID). Оваа групација ги вклучува францускиот Национален собир на Марин Ле Пен, германската партија Алтернатива за Германија (AfD), белгискиот (фламански) Влаамс Беланг и австриската Слободарска партија (FPO).

Политичката групација „Идентитет и демократија“ би можела да стане третата по големина група во Европскиот парламент и да ја загрози либералната пратеничка група „Обнови ја Европа“, која има слична сила на другата растечка радикална десничарска група – Европските конзервативци и реформисти (ECR). Во ECR спаѓаат партијата на Џорџa Мелони – Браќа на Италија (FdI), полската Право и правда (PiS-, шпанскиата Глас (Vox) итн.,а според најавите по јнуските избори ќе им се приклучи и владејачката унгарска партија Фидес.

Таканаречената „Големата коалиција“ којашто ги обединува „народњаците“, социјалдемократите и „Да ја обновиме Европа“ треба да остане мнозинство во Европскиот парламент, но несомнено ќе биде ослабена“, вели експертот Шопен. Според студијата на тинк-тенкот „European Council on Foreign Relations“, оваа коалиција оваа година би можела да освои 54 отсто од местата во Европскиот парламент, што е пад во однос на сегашните 60 отсто.

Крајната десница веќе врши притисок врз институциите на ЕУ, на пример, со поддршка на револтот на земјоделците во последните неколку седмици ширум земјите членки.

Доколку излезе посилна од изборите во јуни, крајната десница најверојатно ќе бара построги миграциски политики и уште повеќе ќе го отежне донесувањето закони во одредени области како што е заштитата на животната средина. Крајната десница, исто така, ќе се обиде да блокира поголема интеграција во ЕУ, тврдат нејзините противници.