Политичките партии од крајната десница во Европската унија ја прославија неделната победа на парламентарните избори на австриската Партија на слободата (FPÖ) како поттик за националните конзервативци во услови на подемот на крајната десница кој се припишува на стравот од имигрантите.
Предводена од Херберт Кикл, кој според политичките аналитичари ја доби поддршка поради нестабилната економија и загриженоста дека Австрија ги прима имигрантите побрзо отколку што може да ги интегрира, како и со критиките за мерките воведувани во време на пандемијата на коронавирус, миграциските политики и особено критикувајќи ја воената помош за Украина и санкциите против Русија, Партијата на слободата освои околу 29 отсто од гласовите, рекорден резултат што може да ѝ овозможи на партијата платформа да ја води следната влада во Виена.
Кикл мора да најде партнер за да формира стабилна коалиција, бидејќи другите партиски лидери не можат да го поднесат. Тие одбија да му „служат“ и многу брзо почнаа да ја разгледуваат можноста за алтернатива на владата којашто би ја предводела FPÖ.
Сепак, изборната победа на крајните десничари во Австрија им честитаа бројни европски сојузници. FPÖ е дел од крајно десничарската пратеничка група во Европскиот парламент предводена од францускиот Национален собир (RN).
Основачката и неформална лидерка на Националниот собир, Марин Ле Пен, изрази задоволство од победата австриските „слободарци“, велејќи дека тоа е показател дека таквите партии напредуваат.
„По изборите во Италија, Холандија и Франција, овој бран кој ја поддржува одбраната на националните интереси, зачувувањето на идентитетот и воскреснувањето на суверенитетот, го потврдува триумфот на народот насекаде“, напиша Ле Пен во објавата на X.
Меѓу честитките дојде и онаа од Бјерн Хоке, еден од лидерите на крајно десничарската Алтернатива за Германија (AfD), кој победата на FPÖ ја нарече „сензација“ и на Х напиша: „Победата на FPÖ не е само победа на Австрија, таа досегнува многу подалеку од границите на оваа алпска република и е добар знак за напредок за целата Европа“.
Холандскиот националист Герт Вилдерс, чија PVV ја предводи холандската влада, на Х порача: „Ние победуваме! Времињата се менуваат! Идентитет, суверенитет и слобода. И нема повеќе илегална имиграција или азил, а тоа е она по што копнеат десетици милиони Европејци!“
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто исто така се огласи на Facebook, пишувајќи: „Каков викенд!! По Чешка, уште една победа за патриотите преку границаta… Без војна, без миграција и без родова пропаганда!“
Победата на евроскептичниот FPÖ може да посее поделби во Европската унија кога станува збор за областа на надворешната политика поврзана со поддршката за Украина против руската инвазија.