Крајно време е да се престане со партизација во здравството и во образованието, порача Меџити

– Ако се стремиме да одиме кон Европска Унија, крајно време е сега веднаш да престанат партиските вработувања, не зборувам само за здравството, туку и за  образованието. Ако е добар менаџер, треба да остане 30 години како менаџер, ако е добра сестра, таа треба да остане 30 години како главна сестра, рече министерот за здравство, Фатмир Меџити, во гостувањето на емисијата „Топ Тема“ во Телевизија Телма, на прашањето поврзано со партиските вработувања и дека медицинските кадри не добиваат реални предности според нивната заслуга туку во однос на политиката.
За големиот одлив на здравствениот кадар, министерот Меџити рече дека ја разгледува можноста студентите од трите медицински факултети во нашата држава, кога ќе стигнат до последната академска година на факултет, да знаат каде ќе им биде работното место во иднина.
– Ќе има реорганизација и систематизација. Знаеме дека на Универзитетската Клиника „Мајка Тереза“ имаме хиперпродукција на кадар. Не ни треба толку кадар, а се вработени со миграцијата, од село во град, односно во Скопје. Ова мора да престане. Мора веднаш и да престанат партиските вработувања, секаде, не само во здравството, истакна Меџити.
Поради истата проблематика за миграцијата на кадрите во Скопје, тој одговорноста ја гледа во менаџерите на здравствените институции и информира дека се преземени мерки во однос на прашањето со дисперзирање на кадри од клинички центар, низ цела земја. Но, подвлече дека тоа ќе се случи преку стимулации, вклучувајќи ја и финансиската.
– Тука сум транспарентен и многу отворен. Јас зборувам и во име на Владата и затоа на секоја седница апелирам да има повеќе финансии во здравство и еднаш засекогаш да престанат партиски вработувања и партиски назначувања, посочи Меџити.
Тој спомна дека сака да реализира спојување на клиничкиот центар „Мајка Тереза“ со еден генерален директор и со неколку раководители и информираше дека се планира  ургентен интернистички центар со тријажа затоа што пациентите се принудени да шетаат по ходниците од една клиника во друга.
– Од прв ден почнав, тоа ми беше приоритет. Еднаш засекогаш да го решиме тоа. Работиме интензивно на идеен проект, на физибилити и ќе почнеме со актуелната Kлиника на токсикологија. Веќе подготовките се при крај и ќе го адаптираме просторот таму и ќе направиме интернистички ургентен центар со тријажа. Доаѓа пациент, од сите специјалности ќе има тука и специјализанти и специјалисти што ќе го покриваат 24 часа. Ако треба опсервација, ќе седи колку треба, ако е за хоспитализација ќе има тријажа во одредена клиника, а ако не, ќе се врати пациентот дома, подвлече Меџити.
Упатувајќи позитивни забелешки во однос на апликацијата „Мој термин“, тој информираше дека со неговата екипа работат на апдејтирање и ажурирање на истото и дека се при крај на дисперзирањето на препишувањето на терапиите кон матичните лекари. Затоа што, според евиденцијата и статистиките, сегашните закажувања од другите градови кои патуваат до нивните специјалисти за да им се препишуваат одредени лекови, сочинуваат 30 проценти од гужвата со пациентите.
– Треба организација добра, треба ред, дисциплина и тоа ќе го поставиме низ цела Македонија со инспекција и контролори од „Мој термин“. Ќе има и втори смени и за дијагностика и за апарати, ќе има и за „Мој термин“ прегледи за тие листи на чекање не бидат толку долги, појасни Меџити, додавајќи дека ќе има транспарентна листа на операции и нема никој да дојде преку ред и ќе има посебен дел и простор за итни случаи да се решаваат.