Крадците го шутирале Донарума и му ставиле пиштол на главата

Француските медиуми открија детали од инцидентот со голманот на Пари Сен Жермен, Џанлуиџи Донарума, и неговата сопруга, кои синоќа беа ограбени во нивниот дом во француската престолнина.

Извори блиски на истрагата велат дека во 3 часот и 10 минути крадците го нападнале обезбедувањето на влезот во зградата во која се наоѓа станот на италијанското семејство. Откако се справиле со него, се качиле на катот и упаднале во домот на Донарума. Таму крадците почнале да го тепаат фудбалерот, удирајќи го со нога во главата, по што се здобил со две раскрвавени рани.

Голманот и неговата сопруга Алесија Елефанте потоа биле врзани и со закана со пиштол морале да откријат каде се наоѓаат нивните вредни предмети. Така, разбојниците добиле накит, скапи чанти и луксузни часовници со вкупна вредност од околу 500.000 евра.

Првичните информации тврдеа дека голманот и неговата партнерка биле дури и соблечени голи.

Сето ова траело само десет минути. Кога крадците го напуштиле станот, двајцата успеале да се одврзат и да истрчаат до хотелот во близина. Персоналот на рецепцијата таму повикал полиција.