Познато е дека омилена посластица на кралицата Елизабета Втора е чоколадна бисквит торта, но се чини дека во кујната е потребната помош за да се биде на кралско ниво, па палатата Бакингем објави оглас во кој бара перач на садови.
Огласот беше објавен оваа недела на веб-страницата на “Royal Household” и вели дека е потребен нов член на персоналот за да се обезбеди “одлична услуга”. Годишната плата на оваа позиција изнесува околу 22.000 евра, а обезбедени се оброци во палатата и 33 дена одмор.
Огласот вели дека искуството не е услов, туку се бара “тимски играч со иницијатива”.
Со одржување на кујната и хигиената ќе им обезбедите на нашите готвачи и помошници се што е неопходно за служење на оброците во текот на денот. Повремено ќе бидете ангажирани како асистент за подготовка на храна, се вели меѓу другото во огласот.
Поранешниот готвач, Дарен Мекгрејди претходно изјави дека Бакингемската палата е „одлично место за работа“.
Готвење во палатата е неверојатно. Имаше сè што очекував. Тие имаат најквалитетна храна, најдобри состојки, неверојатен производ …, вели Мекгрејди, кој сега има кетеринг компанија во Далас.