Кралицата Елизабета ќе се повлече од своите должности додека трае пандемијата

Кралицата Елизабета Втора планира да се повлече од јавниот живот на неодредено време, додека трае пандемијата на коронавирусот, пишуваат британските медиуми.

94-годишната кралица ќе ја направи најдолгата пауза од официјалните должности во своето 68-годишно владеење и ќе остане во карантин во замокот Виндзор заедно со принцот Филип, кој следниот месец ќе наполни 99 години. Нејзините задолженија ќе ги преземат принцот Вилијам и неговата сопруга Кејт.

Замрзнати се и нејзините есенски ангажмани, вклучувајќи ја планираната посета на Јужна Африка во октомври.

„Кралицата нема да прави ништо што е спротивно на препораките за луѓето на нејзина возраст. Моментално, во нејзиниот распоред нема ниеден ангажман и така може да остане до октомври“, вели извор од кралското семејство.

Ова лето, и Бакингамската палата ќе биде затворена за јавност за првпат во последните 27 години.