
Британската кралица Елизабета Втора и нејзиното семејство објавија во вторникот дека се натажени од сознанието за искуствата на принцот Хари и неговата сопруга Меган Маркл и дека ќе за занимаваат со прашањето за расата коешто го изнесе двојката во интервјуто со прославената американска телевизиска водителка Опра Винфри.
„Целото семејство е натажено поради сознанијата колку изминатите години биле предизвикувачки за Хари и Меган. Отворените прашања, особено за расата, се загрижувачки. Иако некои сеќавања може да се разликуваат, тие се сфаќаат многу сериозно и семејството приватно ќе ги решава“, се наведува во соопштението на Бакингемскиот дворец.
Поранешната американска актерка Меган Маркл, чијашто мајка е црна, во интервјуто во неделата рече дека принцот Хари бил соочен „со загрижност и неколку разговори“ за тоа колку темна ќе биде кожата на нивното прво дете, синот Арчи.
„Хари, Меган и Арчи секогаш ќе бидат многу сакани членови на семејството“, наведува уште Бакингемскиот дворец.
Војводата и војвотката од Сасекс го дадоа своето прво телевизиско интервју отако пред една година одлучија да се откажат од привилегиите и должностите на кралското семејство и да се преселат од Обединетото Кралство во САД.
Британските медиуми оценија дека искажаното во интервјуто одекнало како бомба за Бакингемскиот дворец и кралското семејство. За некои, пак, станува збор за маркетиншки потег на Хари и Меган, а за некои аналитичари станува збор за политички притисоци во контекстот на политичките промени во САД и во Кралството.