Кралски пекол за Борусија Д., Ибра ја “кине” и мрежата на Челзи

Ништо помалку интересни и возбудливи не би требало да бидат денешните 1/4 финални натпревари од најпрестижното клупско натпреварување, Лигата на шампиони.

Шпанскиот гигант Реал (М) доби историска шанса да му се реваншира на германскиот бундеслигаш Борусија Дортмунд, за минатогодинашната елиминација во полуфиналната рунда од ЛШ.

Голем плус за „кралскиот клуб” е неиграњето на полскиот интернационалец, Роберт Левандовски кој мора да ја одлежи суспензијата од еден натпревар, добиена поради два жолти картони.

„Барселона, Реал (М) и Баерн (М) се најдобрите три клуба на денешницата. Ние се уште сме во процесот на еволуција. Минатата сезона го елиминиравме Реал (М), а ќе пробаме истото да го направиме и оваа сезона. Добро е што реванш дуелот го играме на домашен терен, тука ја гледам нашата предност. Реал (М) сигурно ќе сака сите дилеми да бидат решени на првиот натпревар, а нема таков натпревар на кој шпанскиот клуб нема создадено ниту една чиста шанса пред противничкиот гол. Не можеме, не смееме да го игнорираме фактот дека Реал (М) има фантастичен тим, но ако одиграме како што треба, тогаш имаме реални шанси за пласман во следната рунда од ЛШ“, изјави предводникот на Борусија од Дортмунд, Јирген Клоп.

Уште поголемо внимание ќе привлече првиот 1/4 финален дуел помеѓу актуелниот шампион на Франција, тимот на ПСЖ и лондонскиот премиерлигаш Челзи.

Дуелот на „Паркот на Принцовите” е во фокусот на фудбалското внимание и поради дуелот помеѓу најконтроверзните личности во фудбалскиот свет, напаѓачот на ПСЖ, Златан Ибрахимовиќ од едната страна и менаџерот на Челзи, Жозе Мурињо од другата страна.

„Ќе ми биде многу жал ако Ибрахимовиќ ја заврши својата кариера без да одигра ниту еден натпревар во најдобрата фудбалска лига, англиската Премиер лига. Сепак, неговата кариера е полна со успех, станува збор за еден од најдобрите фудбалери на денешницата. ПСЖ инвестираше многу во изминатите две сезони, ангажираа фудбалери од светски квалитет. Очекувам голема борба, а за нас, најважно од се е да не примиме ниту еден погодок”, изјави Мурињо.